Коалиција „Сите за правично судење“: Никој не е изненаден од Извештајот на ЕК, судството останува да биде пасивно, неорганизирано и неединствено во своите ставови

од Nikola Popovski

Најверојатно никој не ни беше изненаден од извештајот на ЕУ, бидејќи со него се констатирани состојби на кои домашната јавност (невладини организации, медиуми, универзитетски професори, па дури и судии и членови на Судскиот совет), но и меѓународната заедница и амбасадорите на неколку држави веќе претходно реагираа и предупредуваа. Со овој извештај само уште еднаш се потврдува тоа дека состојбите во судството стагнираат, но и дека ЕУ ги следи ваквите состојби и јасно укажува дека истите се пречка на патот кон евроинтеграциите, порачаа за „Локално“ од коалицијата „Сите за правично судење“, коментирајќи го фактот дека земјава нема напредок во областите борба против корупција, правосудство и владеење на правото. 

Кога станува збор за Судскиот совет, оттаму велат, мора да се има предвид дека не постојат законски механизми за разрешување на сите членови на Советот, туку само можност за интерпелација од страна на Собранието на оние членови на Советот кои се избрани од пратениците.

-Токму поради тоа ги повикавме членовите на Судскиот совет да поднесат оставки, бидејќи тоа е најсоодветниот и законски достапниот начин на предвремено прекинување на мандатот на овие членови кои на неколку наврати го прекршија законот со своите одлуки. Сепак, видовме дека само двајца членови на Советот покажаа достоинство, интегритет и доблест да се повлечат од функцијата, додека останатите членови или немаат капацитет да ги согледаат и разберат проблемите кои ги предизвикаа и кои сѐ уште ги предизвикуваат, или пак се доволно каприциозни, па и покрај тоа што целата домашна и меѓународна јавност им укажува на незаконито работење тие упорно одбиваат да ги преземат вистинските чекори, нагласуваат од Коалицијата во својата реакција на Извештајот.

Според Коалицијата, застарувањето на кривичните предмети поврзани со висока корупција, иако е директна последица на измените на Кривичниот законик, мора да имаме предвид дека голем дел од овие случаи беа иницирани во судовите пред 5 или повеќе години, а судовите не успеаја правосилно да ги решат истите во тој период.

-Оттука, кога станува збор за измените на КЗ кои се однесуваат на кривичните дела за злоупотреба на службената положба и злосторничкото здружување, не може да стане збор за никакви придобивки, освен оние за обвинетите лица, како намалените казни и скратените рокови за застареност, посочуваат од „Сите за правично судење“.

Загрижува тоа што извршната и законодавната власт, како и политичките партии постојано прстот го вперуваат во судството, апелираат од Коалицијата, иако постојат сомнежи токму за незаконски политички влијанија врз судството, како и реални показатели и метрики според кои ниту извршната, ниту законодавната власт немаат преземено соодветни чекори за унапредување на состојбите во судството согласно своите надлежности. Сметаат дека судството останува да биде прилично пасивно, неорганизирано и неединствено во своите ставови, пристап и активности за унапредување на сопствената репутација и услови за работа, како и за справување со политичките притисоци и влијанието на законодавната и извршната власт врз судската власт, а токму ова е мошне умешно искористено за да се освојуваат такви лесни политички поени со популистички критики за работата на судовите, без притоа да се преземени некакви конкретни мерки.

-Од она што го видовме до сега, јасно е дека немаме капацитет за да се справиме со состојбите и проблемите. Но, капацитетите секогаш можат да бидат надградени и зајакнати, па така вистинското прашање е дали воопшто постои свест за сериозноста на состојбите и неопходноста од нивни итно решавање, како и дали постои волја за да се преземат вистинските чекори и истрајност и доследност дури и кога истите се мачни и тешки, стои во реакцијата на Коалицијата.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска вели дека многупати досега сме прочитале дека нема напредок во извештајот и не треба да сме изненадени од лошите оцени на меѓународната заедница. -Ние постојано укажуваме на тоа. ДКСК дава препораки, невладините укажуваат на тоа и тогаш сите се глуви. Кога доаѓа заеедницата да ни ги каже реално оценките, тогаш се чудиме. Власта не ги гледа оценките. Тоа е зрелоста на нашето општество, рече синоќа Ивановска.

Македонија беше рекордер од земјите на Западниот Балкан, но и пошироко, со кандидатски статус за членство во ЕУ. Овој статус го добивме пред 18 години, во 2005 година. Дури лани во 2022 година почнавме преговори за пристапување. Клучниот проблем долги години беше спорот за името на земјава со Грција, а потоа и спорот со Бугарија за идентитетските прашања. Сега како услов за продолжување на преговорите и одржување на Втората меѓувладина конференција се поставуваат уставните измени и внесувањето на бугарското малцинство во Преамбулата од Уставот.

Н.П.

Слични содржини