Осум месеци по најавата дека ќе прерасне во единствен политички субјект, коалицијата Вреди сè уште останува недовршен проект. Иако коалицијата веќе функционира со заедничко претседателство и координирани политички настапи, формалното конституирање на партија со јасна структура, органи и лидерство, останува на чекање.
Тоа отвора дилеми дали Вреди навистина се движи кон институционално заокружување или, пак, влегува во фаза на внатрешно одолговлекување и тактизирање.
Извори од Вреди за „Локално“ брифираат дека постои свесност дека долгото неформирање на партијата создава впечаток на привременост и несигурност, особено кај гласачите кои очекуваат јасна алтернатива и стабилен политички субјект.
Истите извори посочуваат дека правното конституирање на органите е неопходно не само поради формата, туку и поради кредибилитетот на Вреди во политичкиот систем и во односите со меѓународните партнери.
По заминувањето на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари, Вреди влезе во нова фаза – со намалена бројност, но со појасна намера да се трансформира во партија.
Сепак, извори од коалицијата велат дека токму прашањето на лидерството и моделот на одлучување се покажале како најчувствителни точки.
Дел од раководството инсистира на класичен модел со еден претседател и јасна хиерархија, додека други промовираат консензуален пристап, со поделена моќ и колективно раководење.
Како компромисно решение, во внатрешните кругови на Вреди сè почесто се споменува модел на ротациско претседателство, инспириран од швајцарскиот систем.
Според овој предлог, партијата би имала четворица лидери во период од четири години, со годишна ротација, додека клучните одлуки би се носеле со консензус.
Нашите извори велат дека ваквиот модел би спречил концентрација на моќ и би ги балансирал односите меѓу партнерите, особено во услови кога изборната тежина на партиите не е еднаква.
Но, токму тука се појавува и суштинскиот проблем. Неофицијално, поделбите во Вреди се кристализираат околу две влијателни струи, кои различно ја гледаат иднината на субјектот – и организациски, и политички.
Извори од коалицијата признаваат дека постои ризик од внатрешна фрагментација доколку не се најде модел што ќе биде прифатлив за сите страни, без чувство на надмоќ или маргинализација.
Дополнителен товар е и распределбата на политичката тежина. Иако некои партии во рамки на Вреди на последните локални избори остварија значително подобар резултат од други, во игра е идејата сите да имаат еднакво право на одлучување.
Според извори од Вреди, токму ова прашање ја кочи финалната одлука за тоа дали партијата ќе се гради врз принципот на изборна сила или врз принципот на политички баланс.
Затоа, во Вреди сè почесто се зборува дека клучните одлуки ќе бидат оставени за по новогодишните празници, со цел да се „олади“ атмосферата и да се избегне јавна конфронтација. Извори од коалицијата велат дека целта е да се излезе со решение што ќе ја зачува внатрешната кохезија и ќе ја одржи сликата на единство пред јавноста.
Сепак, времето не работи во корист на Вреди. Колку подолго трае процесот на формализација, толку повеќе се отвора простор за сомнежи дали коалицијата има капацитет да прерасне во стабилен и функционален политички субјект.
За гласачите, но и за политичките конкуренти, одговорот на ова прашање ќе стане јасен многу скоро – или со конечно конституирање на партија, или со продолжување на статус-кво состојбата што сè повеќе личи на замрзнат конфликт.
Б.Т.