Коалиција „Сите за правично судење“ за „Топлик“: Судот да ја задржи улогата на независен арбитар во постапката

од Vladimir Zorba
408 прегледи

Коалиција „Сите за правично судење“ преку соопштение ја истакна својата загриженост за постапувањето на судечкиот совет во предметот познат во јавноста како „Топлик“ во однос на вештачењето предложено од страна на јавното обвинителство како доказ во постапката.

„Од аспект на начелото на непристрасно водење на судската постапка, судот има обврска да остане и ја задржи улогата на независен арбитар во постапката, при што не смее да зазема страна во текот на истата, односно судот е должен да гарантира еднаков натпревар помеѓу странките во постапката без притоа да биде оставен впечаток кај јавноста дека на една или друга страна во постапка помага да се докаже теоријата на случај која странката ја застапува“, се вели во реакцијата.

Целосниот текст на реакцијата можете да го прочитате на следниот линк

Во случајот „Топлик” на Специјалното јавно обвинителство првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град” во Сопиште.

Според обвинението Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.

Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за еден милион евра.

Слични содржини