На денешната средба на владините коалициони партнери беше усвоена и потпишана Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза, информираат од СДСм.
Оттаму посочуваат дека целта на оваа Декларација е да даде дополнителна и цврста гаранција и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна.
-Оттука, сите владини партнери заеднички заклучија дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните туку ќе ги продлабочат. Затоа, владините партнери го затворија ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.
Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, стои во Декларацијата.
За нашиот евроинтеграциски процес владините партнери ги реафирмираа позициите дефинирани во Резолуцијата усвоена во македонскиот парламент. Останува посветеноста на сите владини партнери во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот Рамковен Договор, Преспанскиот Договор, Договорот за добрососедство со Р.Бугарија како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите, велат од владејачката партија.