Јавното обвинителство ќе бара краткотраен притвор за десет лица, за кои во текот на денешниот ден се обезбедени докази за евентуална одговорност за синоќешниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, информираше вечерва jавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски и обвинителите од тимот што постапуваат на случајот.
Од денешниот увид на лице место, според Коцевски, јавни обвинители утврдиле дека објектот немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објекотот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од три метри без соодветна дозвола и без друштво со овластување за палење на пиротехничките материјали. Бил регистриран како деловен објект за лесна индустрија и не е извршена пренамена во угостителски објект.
Сослушан еден од организаторите на настанот и дека немало писмен договор меѓу организаторот и групата за организирање на концертот.
Над 20 лица, посочи Коцевски, се сослушани во текот на денешниот ден за случајот, а потврди дека на информативен разговор во Скопје е повикан и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.
Коцевски, информираше дека за случајот е формиран обвинителски тим од двајца јавни обвинители од ОЈО Скопје, двајца од ОЈО Кочани и двајца од ОЈО Штип, кои извршиле увид на лице место, кој се уште не е завршен и ќе продолжи во текот на утрешниот ден, а најави дека за утре ќе бидат ангажирани и три до пет јавни обвинители од Скопје.