Коцевски: Во оваа фаза не треба да има Анкетна комисија за Кочани бидејќи одредени докази и сведоци можат да се компромитираат

„Она што беше барање од страна на претседателот на Собранието речиси ги опфаќаше истите оние прашања, што и Јавното обвинителство води постапка. Од тие причини сметам дека две паралелни постапки не е целисходно да се водат во овој момент“, изјави обвинителот Коцевски

од Nikola Popovski
16 прегледи

Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски смета дека во оваа фаза не треба да има Анкетна комисија во Собранието на Република Македонија за трагедијата во Кочани, бидејќи како што вели одредени сведоци и докази можат да се компромитираат. Коцевски добил и официјално барање од претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши за Анкетната комисија.

-Во однос на формирањето на Анкетна комисија имав и официјално барање од претседателот Гаши и јас писмено се произнесов и она што го кажав во дел од медиумите, за мене лично сметам дека во оваа фаза не треба да има Анкетна комисија, бидејќи одредени докази и сведоци можат да се компромитираат, со оглед дека се води судска постапка. Она што беше барање од страна на претседателот на Собранието речиси ги опфаќаше истите оние прашања, што и Јавното обвинителство води постапка, од тие причини сметам дека две паралелни постапки не е целисходно да се водат во овој момент – изјави Коцевски.

Прашан дали тоа значи дека истрагата на обвинителството не била целосна и сеопфатна, па сега има Анкетна комисија, Коцевски вели „не би рекол“, а истрагата за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ била сеопфатна.

-Не би рекол. Истрагата знаете дека самата беше многу опфатна се ангажираа многу јавни обвинители и донесоа јавна обвинителска одлука против обвинети, кои се и сега се опфатени во самото обвинение. Во однос на ова второто ви кажав дека за полициските службеници следува нова јавно обвинителска одлука, а по однос на останатите лица од Управата за јавни приходи во тек е истрага во Јавното обвинителство со надлежност – вели Коцевски.