Коцевски за српска „Политика“: Оваа трагедија има димензии на национална катастрофа – секој обид за злоупотреба на несреќата за политички цели е неприфатлив

од Даниел Ѓорѓиевски
196 прегледи

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, во изјава за српска „Политика“ истакна дека истрагата за несреќата во Кочани ја открива системската ерозија во државата, културата на непочитување на законите и широко распространетата корупција како главни фактори што придонеле за трагедијата.

„Доказите што секојдневно ги собираме укажуваат дека коренот на оваа трагедија не е само во директната причина – употребата на пиротехнички средства, туку и во длабоките пропусти во системот, недоволната контрола и нерегуларностите во работењето на надлежните институции. Обвинителството, за жал, не е орган на превенција, туку на репресија. Можно е да се спречеше оваа трагедија, но сега останува да ги казниме виновниците и да направиме сè за ваков настан никогаш повеќе да не се повтори“, изјави Коцевски.

Како што нагласи премиерот Христијан Мицкоски, Македонија се има соочено со многу трагедии, но ваков настан досега не е забележан во поновата историја. Коцевски дополнува дека оваа катастрофа, покрај тоа што е резултат на непочитување на прописите, има и социолошка димензија, бидејќи речиси цела генерација млади луѓе од еден мал град исчезна во една ноќ.

„Кочани е мал град, а загубата е огромна. Од социолошки аспект, ова е колективна трагедија што го потресе целото општество“, вели обвинителот.

Во рамките на истрагата ќе се провери дали надлежните органи биле информирани за одржувањето на настанот и дали ја исполниле својата законска обврска.

„Ќе утврдиме дали биле издадени сите потребни дозволи, дали инспекциските служби го извршиле својот дел од работата и дали имало пропусти во безбедносните стандарди. За жал, досегашните наоди покажуваат дека ниту еден од законите и прописите не бил почитуван до крај“, нагласи Коцевски.

Досега, во рамките на истрагата, статус на осомничени добиле 28 лица. Тројца од нив се во болница, 18 се приведени во предистражна постапка, а седум полицајци се под истрага и се во притвор.

„Собравме голем број материјални докази, стручни мислења и сведочења што укажуваат на сериозни прекршувања на законот. Осомничените се товарат за тешки кривични дела против општата безбедност, што може да носи затворска казна до 20 години. Истрагата, исто така, опфаќа случаи на давање и примање поткуп, незаконитости при набавка на пиротехнички средства и повеќе други кривични дела“, изјави Коцевски.

Трагедијата ги потресе граѓаните низ целата држава, кои бараат правда и одговорност од сите инволвирани страни.

„На граѓаните им ветив брза и ефикасна истрага и тоа ветување ќе го исполнам. Никој нема да биде поштеден ако се утврди дека има вина, било поради директни постапки или поради пропусти во службените обврски. Оваа култура на непочитување на законите премногу долго се толерираше, а трагичниот исход е очигледен“, нагласи јавниот обвинител.

Пораки на сочувство пристигнуваат од целиот регион и пошироко, а некои земји понудија помош за истрагата и за медицинска грижа за повредените.

„Колегите од регионот, но и од други земји, изразија подготвеност да помогнат во истрагата, но засега немаме потреба од дополнителна правна поддршка. Благодарни сме и за медицинската помош што ни ја понудија неколку држави, вклучително и Србија, за лекување на тешко повредените“, рече Коцевски.

Во време на вакви трагедии, политизирањето на болката и гневот на луѓето е најголемата опасност, предупредува обвинителот.

„Оваа трагедија има димензии на национална катастрофа. Политиката нема место овде, а секој обид за злоупотреба на несреќата во политички или партиски цели е апсолутно неприфатлив. Ова не е момент за поделби, туку за обединување во заедничката цел – да се најдат и казнат виновниците и да спречиме вакви катастрофи во иднина“, заклучи Коцевски.

Слични содржини