Кочанчани тврдат дека е отстранет штандот за свеќи и книгата на жалост во градскиот парк

од Nikola Popovski
461 прегледи

Граѓаните на Кочани реагираат дека се отстранети штандот за свеќи и книгата на жалост иако сѐ уште трае седумдневната жалост за починатите во дискотеката. Во објава на Фејсбук на страната Кочани (гласот на Кочанчани) е споделена граѓанската реакција.

-Граѓаните на Кочани со огорченост реагираат на отстранувањето на штандот за палење свеќи и книгата на жалост од градскиот парк. Овој простор, кој беше место за оддавање почит кон жртвите, е тргнат и покрај тоа што се уште трае седумдневната жалост, стои во објавата.

Во трагедијата починаа 59 лица кои вчера беа погребани. Над 200 лица се повредени.

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани, кои како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност.

-Овие физички и правни лица од 2012-та година до трагичниот настан во неделата наутро во кабаре-клубот „Пулс“ заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности не постапиле според мерките за заштита. Верижни пропусти на одговорни и службени лица довеле до тоа при користење на пиротехнички средства за време на настап на групата ДНК да настане трагедијата, изјави републичкиот обвинител Коцевски.

Слични содржини