Кочани: Ова не е приказна за кликови, туку човечка болка – веќе кружат видеа од домовите на починатите, покажете почит!

од Даниел Ѓорѓиевски
1,6K прегледи

Кочани тагува по трагедијата што го потресе градот, оставајќи семејства завиени во болка и солзи. Граѓаните и блиските на жртвите се соочуваат со незамислива загуба, а во тие моменти на жалост, од градот пристигнува апел до јавноста и медиумите – да се почитува достоинството на починатите и нивните најблиски.

Во објава на Фејсбук на страната Кочани (гласот на Кочанчани), се повикува на хуманост и сочувство:

“Како да напишеме, како да објасниме, како да ве замолиме? Дали и по оваа трагедија повторно треба да клекнеме на колена? Веќе сме клекнати… од болка, од тага, од немоќ. Почитувани новинари, медиуми, Не правете настан за гледаност од ова. Веќе кружат видеа од пред куќите на починатите, од нивните пријатели што со солзи ги подготвуваат за последното збогум„ стои во објавата

Во апелот се упатува молба до медиумите да не ја користат трагедијата за гледаност и сензационализам, посочувајќи дека веќе кружат видеа од домовите на жртвите и нивните семејства

„Ова не е приказна за кликови, ова е човечка болка. Почитувани граѓани, на ова тажно парче земја ве молиме, не ги споделувајте нивните видеа. Покажете револт, игнорирајте ги текстовите што ја претвораат трагедијата во сензација. Така ќе покажеме почит кон загинатите, кон нивните семејства, кон нашиот град“ стои во објавата

Граѓаните се повикуваат да покажат почит и да не ги споделуваат овие содржини, како знак на солидарност со семејствата кои го живеат најтешкиот момент во своите животи.

“Молете се. Нека ни даде Господ сила на сите.” – завршува емотивниот апел од Кочани.

Слични содржини