Коцијанчиќ потврди: ЕК скрати 27 милиони евра од ИПА фондовите за Македонија

од Vladimir Zorba
103 прегледи

Европската комисија скрати нешто над 27 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за Република Македонија, поради недостаток на подготвеност и зрелост при планирање во клучните сектори за кои овие средства требаше да бидат наменети, потврди за МИА портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчиќ. За ова најпрво објави Алсат-М телевизија, како првични санкции за нашата земја.

maja-kocijancic_0

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, гласноговорничката на неформалната Влада на ЕУ, потврди и дека сопирањето на овие средства се должи и на неисполнување на општите реформски обврски на Македонија, како резултат на влошениот политички контекст во земјата.

– Последните неколку години, а посебно минатата година, ЕК во неколку наврати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостатокот на подготвеност и недостаток на зрелост во планирање во клучните сектори, како и недостатокот на политичка посветеност за реализација на потребните секторски реформи и погенерално на општите реформски обврски. Како резултат на тоа, Комисијата сега мораше да ја намали финансиската помош на ЕУ што беше предвидена за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со друг проект, истакна Коцијанчиќ.

Портпаролката на ЕК рече дека кратењата во програмата за 2016 година за Македонија ќе изнесуваат нешто над 27 милиони евра. Според неа, влијание на оваа одлука на Брисел има и политичката криза што веќе втора година и се случува на македонската држава.

– Влошениот политички контекст е една од причините зошто Владата и администрацијата, за жал, не беа во можност или немаа волја да ги исполнат обврските за реформа или да ја покажат потребната подготвеност да ги планираат потребните реформи или да ги имплементираат фондовите на ЕУ во овие области, додаде Коцијанчиќ.

Слични содржини