Се надевам дека разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе дадат резултат, но ние сме фокусирани врз европската интеграција и многу е важно да се сфати дека реформите треба да продолжат, изјави денес министерот за надворешни работи на Кралството Данска, Јепе Кофод, кој престојува во возвратна работна посета на нашата земја, но истовремено се наоѓа и на регионална турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Тој смета дека треба да почнат преговорите за членство на Северна Македонија.
-Се надевам дека подоцна оваа година или што е најрано можно ќе донесеме одлука и се надевам дека сите 27 земји членки на ЕУ вклучително и Бугарија ќе застанат зад таквата одлука, порача Кофод.
На средбата од страна на министерот Кофод беше најавена данската донацијата од еден милион вакцини за регионот на Западниот Балкан, од кои 250 илјади за Република Северна Македонија.
„Цврстиот и принципиелен став на Кралството Данска за строг, но фер пристап во процесот на проширување, истовремено се принципи кои се втемелени и во новата Методологија за процесот на преговарање и ваквиот фер пристап е она што и ние го посакуваме, што сметаме дека е и во наш интерес, принципи кои и нас не ставаат во состојба на засилена европеизација на нашето општество. Сакам јасно да посочам дека Данска за нас е навистина сериозен партнер, искрен пријател и цврст поддржувач на нашите европски интеграции”, изјави министерот Бујар Османи во контекст на европските перспективи на земјата.
Министрите разговараа и за актуелните глобални предизвици кои во моментов се во фокусот на политичкиот интерес и на двете земји, за непредвидливоста на состојбите во Авганистан кои преставуваат потенцијално жариште за нова хуманитарна криза.