Како ќе се снајдете во продавница ако на производите не пишува ништо и сите изгледаат исто? Нема да знаете дали сте зеле шеќер или сол. Пред неколку години се изборивме за Брајова азбука на лековите, но далеку сме од поширока употреба – на производи, декларации, на менијата во рестораните. Таа битка трае, вели Коце Димов за МИА зборувајќи за проблемите на луѓето кои гледаат со допирот и слухот.
Тој е меѓу 2500 регистрирани членови на Националниот сојуз на слепи лица, но, вели бројот е поголем зашто сите слепи во земјава не пристапиле во членство. Од 1995 година Димов се занимава со техничкиот дел од издавачката дејност на Сојузот на слепи.
Покрај првиот предизвик што слепиот човек треба да го совлада – движењето и ориентацијата во простор, вториот е да се оспособи да ги чита релјефните точки на Луј Брај. И додека во некои земји, и не многу далеку, има претстави за слепи со опис на невербалните делови (аудиодескрипција), и музеи кои организираат само тактилни изложби, кај нас е проблем и печатењето книги на Брајова азбука. Специјалната хартија е скапа, ја нема овде и се набавува од странство. Треба да се избираат застапници, па тендерските процедури, вели Димов, се сложени и долготрајни, а истото важи и за набавката на синтетизатори на говор. Немањето финансии го ограничува и снимањето звучни книги на компакт-дискови. Оваа година (досега) е објавена само една – „Ова не е крај“, посветена е на Тоше Проески и беше промовирана неодамна.
Сојузот поседува и повеќе од 800 наслови (белетристика и стручни книги) снимени на магнетофонска лента кои пропаѓаат во несоодветни услови за чување во депото, чекајќи заштита (преснимување и дигитализација) која тие не се во можност да ја платат.
Од Сојузот очекуваат и наскоро да биде ратификуван Договорот од Маракеш од 2013 година со кој на лицата со оштетен вид ќе им се олесни пристапот до објавени дела. Според Светската унија на слепи лица (World Blind Union), над 90 отсто од сите објавени материјали не можат да бидат прочитани од слепи лица, а правилата за авторски права во повеќето земји спречуваат репродуцирање на објавените материјали во достапни формати, како Брајово писмо, големи печати и аудиоизданија. Светската унија на слепи почна и меѓународна кампања за Договорот од Маракеш во соработка со Светската организација за интелектуална сопственост.
Нашиот соговорник Коце Димов вели дека до средината на 1990-тите, книгите на Брајово писмо, главно учебници, се печателе во Белград, а потоа со помош на тогашното Министерство за наука е купен Брајов печатач. Продолжиле и со објавување звучни книги на магнетофонски ленти.
– Првите обиди за снимања книги кај нас се по земјотресот, некаде во 1964-1965 година, во тонско студио во поранешната барака на Сојузот на слепи. Во тоа време Душко Лековски работел со плејада спикери од Радио Скопје. Звучните книги сега се снимаат во Сојузот, како и во кабина во Универзитетската библиотека, со скромна техника од 2000 година, која е донирана со програмата ФАРЕ, звучна за снимање и Брајова за печатење. Насловите што веќе ги имаме печатено, не ги снимаме. Не сме толку богати, кажува Димов.
Од 2008 година Националниот сојуз на слепи во соработка со Министерството за труд и социјална политика почнува да објавува дигитални изданија во мп3 и DAISY-формат. Имаат снимено 400, пред сѐ лектири за учениците, како и околу 100 стручни книги за тие што студираат. Стручните книги што ќе се објават звучно се избираат според потребите на членството. Во Брајово писмо, пак, од 2000 година имаат стотина изданија од македонски автори објавени со поддршка од Министерството за култура.
Звучните изданија се објавени на компакт-дискови и може да се позајмат, но најчесто се слушаат од платформата за аудиокниги на веб-страницата на Сојузот: nssrm.org.mk. Така може да се слушаат во секое време и место, а Сојузот вложува напори да ги обезбеди своите членови со џебни мп3-плеери. Аудиоизданијата се наменети и за лица со дислексија, но пристапот до платформата е слободен и за сите други луѓе. Во првите шест месеци, вели Димов, страницата имала 150 илјади посетители од кај нас и од други земји.
– Звучните книги не се со висок квалитет. За да заштедиме простор на дисковите, ги снимаме моно, исто како што порано снимавме на магнетофон за да ја користиме лентата двапати. Идејата не ни е висок квалитет, зашто не снимаме музика. Нашата идеја е само да правиме пристапност. Снимаме онолку колку што ќе најдеме начин некој да нѐ финансира. Ако најдеме пари за пет, ќе снимиме пет, ако најдеме за повеќе, ќе имаме повеќе. За разлика од некогаш кога снимавме со професионални спикери од Радио Скопје, сега тешко ангажираме спикери бидејќи немаме пари. Се снаоѓаме сами, наоѓаме некој доброволец. Каскаме во ова, а штета е и што ќе пропадне фондот со 800 наслови што веќе го имаме на магнетофонски ленти. Потребна е финансиска помош за да ги дигитализираме, нагласува Димов.
Неговиот пријател Лазар Трпчевски, пензиониран професор дефектолог и член на Сојузот, за себе вели дека е аудитивен тип зашто така навикнал од времето кога се школувал во гимназија. Немал учебници на Брајово писмо па лекциите ги слушал снимени на магнетофон.
– Сета таа литература на ленти што ја има во Сојузот ја имам поминато и многу ми помогна, особено по предметот Македонски јазик зашто така ги ислушав сите лектири. Така што се навикнав да бидам повеќе аудитивен тип. Повеќе памтев преку слухот отколку преку читањето. Сѐ зависи од навиката, вели Трпчевски.
Димов, пак, го преферира Брајовото писмо зашто само така може да се работи програмирање што, според него, е доста привлечно и погодно за слепи иако е свесен дека кај нас е сѐ уште тешко достижна професија за овие луѓе.
– Сите здрави луѓе работат со компјутер, но се описмениле со молив и пенкало. Програмирањето не може да оди звучно зашто бинарниот систем се состои од нули и единици и наредени во низа не може да се запомнат. Но кога ќе ги видите на Брајов екран, ќе ги прочитате и менувате. Програмирањето како професија за слепите мене ми е исклучително атрактивно затоа што може да се работи и да се биде продуктивен од дома. Прашање е само дали и кога ќе успееме да го воведеме кај нас, а еден ден тоа ќе мора да се направи, додава Димов.
Нашите соговорници се скептични за новината што ја донесе новиот Закон за основно образование – инклузија на учениците со посебни потреби во редовното образование. Законот предвидува од учебната 2022-2023 година посебните училишта повеќе да не запишуваат ученици со цел тие да се вклучат/интегрираат во редовното образование. Тие установи ќе прераснат во ресурсни центри кои ќе помагаат за спроведување целосна инклузија во редовните училишта.
– Тоа значи дека за седум-осум години од сега ќе се затвори специјалното училиште „Димитар Влахов“. Како слепите деца ќе се интегрираат кога најпрво треба да научат да се ориентираат во простор? Што ќе прават тие деца во прво одделение кога другите, на пример, ќе играат кошарка? Во оној момент кога ќе ја научите техниката за ориентација во простор, кога ќе научите Брајово писмо, кога ќе сфатите каде сте и што сте, никој нема да ве запре да се интегрирате. Ние сами ќе се интегрираме. Прв шеф на оркестарот на Радио Скопје беше Никола Галевски, тотално слеп човек. Учел во Кралска Југославија, завршил средно музичко и конзерваториум во Москва. Се интегрирал и постигнал без некој да му донесе никаков закон, истакнува Коце Димов.
Достапноста на литература е само една од потребите на слепите лица и е предизвик совладлив со оглед на развојот на технологијата. Но непреченото движење е најзначаен услов за нивната самостојност. Чувството на небезбедност поради разни бариери и сообраќајно безредие многумина од нив ги затвора дома. Овие проблеми секојдневни за слепите, за јавноста и општеството се видливи ретко и обично за нив се зборува на 15 октомври, кога се одбележува нивниот меѓународен ден.
Фото: Фросина Насковиќ