Најсилниот земјотрес во историјата се случил на 22 мај 1960 година во 15:11 часот и целосно уништил повеќе од 40 отсто од зградите и куќите во Валдивија, град во Чиле.
Земјотресот бил со јачина од 9,5 степени според Рихтеровата скала и однел неколку илјади жртви, проценките велат дека биле изгубени до 6.000 животи.
Илјадници биле ранети, два милиони луѓе останале без покрив над главата. Штетата од земјотресот во Валдивија изнесувал повеќе од три милијарди долари.
Епицентарот на овој смртоносен земјотрес бил на 570 километри јужно од главниот град Сантијаго. Расцепот во земјата кој настанал како последица на земјотресот бил долг дури 1.000 километри.
Земјотрес со таква јачина предизвикал цунами во Чиле, а еден ден подоцна бранови високи од пет до десет метри ги погодиле и бреговите на Јапонија, Филипините и Нов Зеланд.