Засега се уште нема договор меѓу политичките партии околу изборот на тројцата судии кои треба да седнат на местото на судиите Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски чии мандати им завршија на 1 јуни.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека тој не ги крие амбициите да влезе во Уставниот суд а за неговата евентуална замена како прв човек на македонското обвинителство рече дека тоа е работа на собранието, владата и советот на јавни обвинители.
„ Доколку Комисијата и Собранието проценат дека јас можам успешно да ја извршувам оваа функција јас најавив дека ќе ја прифатам таа функција. Но, сето тоа е во рацете на пратениците и од друга страна, веќе знаете Законот за јавно обвинителство е донесен, пропишани се таму критериумите кои што треба да ги исполнува јавниот обвинител на Република Северна Македонија и има соодветна постапка во која што Собранието во таков случај кога ќе се испразни местото на јавен обвинител распишува оглас“, истакна Љубомир Јовески.