ЛЕШНИКОТ е храна здрава за срцето. Тоа е затоа што содржи многу здрави масти и антиоксиданси кои го намалуваат нивото на холестерол во крвта.
Експертите веруваат дека високата содржина на масни киселини, диетални влакна, антиоксиданси, калиум и магнезиум во лешниците може да ги нормализира вредностите на крвниот притисок.
Покрај значителните количини на незаситени масни киселини, минерали и витамини, лешниците се богати и со фитостероли. Фитостеролите се биолошки активни стероидни алкохоли од растително потекло. Тие се ценети поради нивната способност да спречат кардиоваскуларни болести и тумори.
Олеинската масна киселина, која ја има во изобилство во лешниците, е уште една одлична хранлива состојка и делува на намалување на крвниот притисок, како и спречување на срцеви и мозочни удари. Друга особина на оваа масна киселина е нејзиното влијание врз активноста на мозокот и меморијата. Истражувањата покажаа дека редовното внесување на олеинска масна киселина може значително да ја подобри меморијата.
Лешниците содржат и омега-3 масни киселини, кои имаат бројни здравствени придобивки, поради што многу експерти препорачуваат нивно редовно консумирање. Благодарение на високата количина на витамин Е, лешниците се многу добри антиоксиданси кои помагаат во борбата против слободните радикали, ги забавуваат знаците на стареење и го зајакнуваат имунитетот.
Интересно е што лешниците се единствени по тоа што содржат значителна количина на фолна киселина. Овој витамин обично се наоѓа во зелениот лиснат зеленчук, но лесно се уништува со термичка обработка. Така, за само две минути готвење, речиси 90 проценти од фолатите во зеленчукот се уништуваат. Фолната киселина е неопходна за трудниците, бидејќи нејзиниот недостаток во текот на бременоста доведува до спонтани абортуси и деформитети на новороденчињата.