На овие дами не им пречи тоа што здолништето треба да го заменат со униформи , а високите потпетици со ниски чевли. Овие Македонки ги менуваат стереотипот за некои професии кои порано се сметаа за машки.
Жени во Армијата на Македонија
Во Армијата на Македонија жените во копнената војска се застапени со 4,01 отсто и 4,89 отсто во воздухопловството и противвоздушна одбрана.Процентуално, жените најмногу се застапени во другите служби во вооружените сили, во кои спаѓаат, на пример, цивилни лица во воена служба, медицински персонал, административен персонал, воена полиција, резервисти со целосно работно време или половина работно време.
Жени возачи во ЈСП
Во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) има три жени возачи кои тврдат дека конечно успеале да ги срушат табуата поврзани со оваа „машка“ професија.Додека едни не го прифаќаат ова со воодушевување, други им се поклонуваат на возачките вештини. Во земјaва пред триесетина години постоеше само една жена-возач на автобус и претставуваше своевидна градска атракција . Но, во моментов работите одат во нагорна линија за возачите од понежниот пол.
Жена воен пилот во Македонија
Ива Матиќ е првата жена воен пилот во Македонија и единствената жена пилот во Центарот за обука на пилоти. На прашањето дали е лесно да се стане воен пилот, во оваа т.н. „машка професија“ Ива за вели:Првенствено е лесно затоа што ако се има мотивација само одиш напред. Но процесот за да се стане пилот бара многу работа, одговорност, посветеност, жртви и тешко е, па и не е лесно.
Таа вели дека е динамичен човек и дека никогаш не се замислила да работи во канцеларија.
Немав можност да го студирам ова на факултет, па завршив информатика и информатички технологии, мојата втора љубов. Само што дипломирав излезе конкурсот и се пријавив, вели Ива.
Девојките од Единицата за брзо распоредување „ЕБР“
Иако работата им е непредвидлива, честопати на работ на ризик и опасност, жените во елитни униформи застануваат рамо до рамо со мажите и во најтешките полициски акции.
Девојките од Единицата за брзо распоредување „ЕБР“ од касарната Ѓорче Петров велта дека нивното мото е КОГА СЕ САКА СЕ СЕ МОЖЕ.
Жена машиновозач
Зорица Петрова е првата жена машиновозач во државата. Оваа 26-годишна гевгеличанка смета дека жените можат рамноправно со мажите да ги извршуваат таканаречените машки професии. Вели дека жените се доволно еманципирани за да не бидат само домаќинки, туку да извршуваат и други работи.
Жени оџачари
Јасмина Атанасова-Симјаноска од средното градежно училиште “Здравко Цветковски” е првиот дипломиран оџачар во Македонија.Додека пак Розана Ивановска-Коневска беше единствената жена која го заврши курсот за оџачари што го распиша Град Скопје. Тие ги рушат стереотипите дека чистењето на оџаци е единствено само машка професија.
Жени денес се застапени и во такси-превозот како и во пожарникарската струка.