Според медиумските извештаи од прес-конференцијата на јавниот обвинител Љубомир Јовески, во јавноста како успешно да е „протната“ тезата дека акционата политичка драма од 27-ми април минатата година започнала со телефонски повик во 14:30 часот со кој е дадена команда за насилен упад во Собранието. Потоа обвинителниот акт во детали ги опишува терористичките активности (за тоа се обвинети) на добро организираните насилници, во неколку групи и со различни вештини и задачи, меѓу кои и ангажманот за самата физичка ликвидација на Заев. Обвинителот тврди дека за сето тоа постојат докази, дека делата се несомнени.

Таман работа! Па, целата операција, како и самиот инкриминиран телефонски повик во 14:30 часот, впрочем, мора да е резултат на подготовка, планирање и инспирација за кои, доколку не се идентификуваат и обвинат ТИЕ конспиратори, џабе била целата истрага на Јавното обвинителство за самите собраниски настани! Или, Обвинителството сака да каже дека Чавков, навистина, е врвот на тој монструозен заговор, единствениот инспиратор, финансиер и организатор на настаните од 27 април?!
Мислам, што е право, Чавков не демонстрираше голема интелигенција со своето досегашно однесување во врска со тие настани, ама ќе излезе натпросечно глупав, особено (а може и дури!) за еден така висок полициски „дужносник“, ако се спогодил со Јавното обвинителство да си молчи и самиот да го плати крајниот цех за тоа што се испи, искрши и натепа на 27 април… Дополнително што од ноќеска повторно е уапсен (со уште 3-4 други обвинети), бидејќи еднаш веќе видовме што се случува со обвинети за тешки кривични дела на кои г. Јово Вангелов лежерно им дава шанса да избегаат пред раката на правдата, ослободувајќи ги од притвор.
Доколку, на крајот, сепак излезе дека вистинските инспиратори и организатори на настаните ќе останат непознати за општата и правната јавност – која, патем, ги знае сите по име и презиме и адреса на живеење, до трето колено, сосе хотелот во кој секој ден седат од утро до вечер – тогаш нема да остане ништо друго туку да се заклучи дека Обвинителството (а потоа, логично, и Судот) се дел од заговорот за криењето на вистината за тие насилни и грди кривично-правни дејанија.
Целата колумна на Сашо Орданоски на Цивил Медиа на следниот линк.