Поранешен припадник на ОНА, а сегашен службеник на УБК на МВР ги пречекал во Куманово членовите на групата осомничена за тероризам по престрелката со полицијата во Диво Насеље, ова го пишува приштинскиот весник Коха Диторе повикувајќи се на извори од косовските тајни служби, пренесе ТV Telma.
Косовските служби ги прислушувале припадниците на кумановската група од 2-ри април или 23 дена пред да се случи нападот во Гошинце односно цели 37 дена пред битката во Диво Насеље.
Според тие разговори кои во видео и аудио форма ги има косовската агенција за разузнавање и весникот Коха Диторе може да се слушне дека 4-ца припадници на кумановската група, тројца косовари и еден македонски државјанин контактирале со припадници на македонските тајни служби.
Според весникот „Коха диторе“, кој се повикува на извори на КИА, претседателката на Косово Атифета Јахјага и премиерот Мустафа биле известени за можноста да се случи инцидентот во Куманово.
Едниот од нив бивш борец на ОНА, кој сега работел во македонската тајна полиција им бил контакт во Куманово на припадниците на групата на Ндрецај.
Коха Диторе наведува дека македонскиот таен агент од албанска националност има иницијали Х.Б. Вториот контакт бил вработен во Агенцијата за разузнавање Ш. М.
Тој според Коха Диторе во разговор со Ндрецај му кажал дека полицијата во Гошинце ќе остави 60 калашњикови, 60 пиштоли и 3 сандаци со муниција.
Информациите што ги пишуваат косовските медиуми ги пренесува и српската агенција „Фонет“.
Според весникот, Косовската информативна агенција (КИА) поседувала разговори на групата од Косово и Македонија од кои се доаѓа до заклучок дека тие сакале да ја оживеат албанската национална ослободителна војска.
Групата била скриени во пет куќи поврзани со тунели во Куманово, а според весникот, 70 отсто од населението од кумановското Диво Насеље каде што се одвиваа борбите, било евакуирано ноќта кога почнале борбите.
Само четворица од групата знаеле дека тоа е направено според претходно договорено сценарио и групата била поврзана со македонската Управа за безбедност и контраразузнавање.
Планот на водачот бил некои од припадниците на групата да бидат повикани во Куманово на состанок и да ги предадат на полицијата, но тие отвориле оган кон полицајците и ситуацијата излегла од контрола, пишува „Коха“.
