Кои ќе бидат кандидати за градоначалници: ВМРО-ДПМНЕ од месецов почнува со мерења

од Nikola Popovski
111 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од општина Штип беше запрашан дали веќе се познати дел од имињата на кандидатите за градоначалници за локалните избори кои треба да одржат оваа година. Според него, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов „направи голема разлика кога би се споредила со неговите претходници“.

-Очекувам така да продолжи во периодот пред нас, се до почетокот на кампањата. Што се однесува до останатите кандидати по другите општини, се уште како партија и како коалиција не сме донеле конечна одлука. Во моментов, во тек е внатрепартиската дебата. Од страна на општинските комитети се пристигнати предлози и имиња кои треба да најдат на анкетите и мерењата. Од втората половина на јануари ќе мериме интензивно и веќе од втората половина на месец мај да ги соопштиме 85-90% од имињата до граѓаните кои ќе бидат кандидатите, кажа денеска Мицкоски при пуштање во употреба на клон од детска градинка „Вера Циривири Трена“ и спортска балон сала во рамки на подрачното училиште ОУ „Гоце Делчев” во населено место Три Чешми во Општина Штип.

Следните локални избори треба да се одржат во октомври 2025.

Последните локални избори се одржаа во октомври 2021 година. Од 80 општини и Градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата освои 42 градоначалнички места, како и главниот град каде како независна кандидатка ја поддржа актуелната градоначалничка Данела Арсовска. СДСМ, пак, освоија 16 општини, ДУИ 11. Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса, кои сега се дел од ВЛЕН вкупно добија четири градоначалнички места. ДПА, ГРОМ, коалицијата на ЛДП и ДОМ по една општина, а во Куманово и Дебарца како независни кандидати победија Максим Димитриевски кој сега е претседател на партијата ЗНАМ и Зоран Ногачески.

Слични содржини