Кои се најмоќните луѓе во Европа, а кои се „попречувачи“ и „сонувачи“?

од Nikola Popovski
336 прегледи

Бриселскиот весник „Политико“ објави список на најмоќните луѓе во Европа, на кој ја става германската канцеларка Ангела Меркел на прво место, бидејќи таа е на власт веќе 16 години, со проценка дека веројатно ќе остане најмоќниот лидер на континентот се додека не се повлече од политиката следната година.

Во образложението се наведува дека Меркел била стабилна рака за време на нејзиното владеење низ низа катаклизми, од големата рецесија и кризата во еврозоната до пандемијата на коронавирус.

Се додава дека, исто како што нема соодветна замена во Европа, нема и во Германија и се претпоставува дека по нејзиното заминување во Берлин ќе се појават нови играчи, како што се Партијата на зелените, но дека популистите ќе останат во Бундестагот.

И во Европската унија веројатно ќе има конфронтација помеѓу двете струи околу визијата за Европа.

Политико заклучува дека Меркел веројатно не ја придвижила Европа напред, но ја задржала заедно.

Списокот на „Политико“ е поделен на три категории лидери – „луѓе од акција“, „попречувачи и „сонувачи“.

„Луѓе од акција“

Прв на списокот „луѓе од акција“ е италијанскиот премиер Џузепе Конте, а бриселскиот весник го обележа како човек кој нема да дозволи Италија да пропадне.

За него се вели дека е човек кој работи со нестабилна коалиција и напади од амбициозни десничари, додека во областа на надворешната политика мора да ја убеди ЕУ дека ќе успее да изготви финансиски акт.

Се наведува дека неговата одлука да ја затвори земјата на почетокот на пандемијата му донесе лојалност, на што укажуваат резултатите од локалните избори, на кои десничарските партии не успеаја да победат.

На списокот лидери „од акција“ се и директорот на Европската агенција за лекови Емер Кук, директорот на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард, унгарскиот премиер Виктор Орбан, претседателите на Турција и Франција, Реџеп Таип Ердоган и Емануел Макрон, како и британскиот премиер Борис Џонсон и германскиот министер за здравство Јенс Спан.

Листа на „попречувачи“

Павел Дуров, основачот на апликацијата „Телеграм“ е на списокот на „опструктори“, а „Политико“ наведува дека неговата апликација е подолго време на радарите на европските влади, како алатка за завери и терористичка пропаганда, но и дека е се поактивен во организирањето на масовните движења за Западот.

Меѓу „опструкторите“ се и Тиери Бретон, европски комесар за внатрешен пазар, за кого се вели дека се обидува да ја постигне амбицијата на Париз за стратешка автономија, лидерот на италијанската десничарска партија „Браќа на Италија“, Џорџа Мелони, рускиот претседател Владимир Путин, кого Политико го нарекува „баук“, писателката Ј.К. Роулинг, поради коментарите за правата на трансродовите лица, премиерот на Шкотска Никола Старџен и др.

Категорија „сонувачи“.

Во оваа група вклучени се претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, поради нејзината амбиција да ја обедини Европа, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кого бриселскиот портал го опишува како чувар на најконкретниот поредок по Втората светска војна и главната експертка на „Бионтек“, Озлем Туречи, за која наведуваат дека е на пат да освои две Нобелови награди – за медицина и за мир.

Политико ги класифицирал и белоруската опозиционерка Светлана Тихановскаја, градоначалникот на Прага Зденек Хриб, кој сака да го направи главниот град на Чешка „град на рид“, шведскиот епидемиолог Андерс Тегнел, кој ја игнорирал политиката во корист на човечката психологија.

Слични содржини