Левицата и десницата ја делеа власта во Европскиот парламент речиси без прекин од 1979 година. За прв пат во историјата на ЕУ, сепак растот на популизмот се заканува на тоа разбирање. По тој повод „Франс прес“ и „Ројтерс“ потсетуваат кои беа главните политички семејства во ЕП досега – нешто што би можело да се промени по евроизборите, кои почнаа денес.

Во последниот Европски парламент, пратениците беа обединети во осум политички групи, политички семејства. Најголемата е Европската народна партија (ЕНП) со 217 пратеници. Во нејзините редови влегуваат Демохристијанската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) од Германија, Републиканците од Франција, „Форца Италија“ од Италија, Народната партија од Шпанија, „ФИДЕС“ од Унгарија и др. Кандидатот на ЕНП за претседател на Еврокомисијата е Манфред Вебер, кој е член на ЦСУ – сестринската партија од Баварија на ЦДУ на Ангела Меркел. Вебер има 46 години, инженер, кој направил кариера во Брисел, каде што е европратеник од 2004 година и претседател на Парламентарната група на ЕНП од 2014 година.
Социјалистите и демократите досега имаа 186 пратеници. Во редовите на ова политичко семејство се Германската социјалдемократска партија, Австриската социјалдемократска партија, британската Лабуристичка партија, италијанската Демократска партија, Шпанската социјалистичка народна партија.
Номинираниот на ова политичко семејство како претседател на Европската комисија е Холанѓанецот Франс Тимерманс. Сега е заменик-претседател на Европската комисија и „десната рака“ на Јункер. На 57-годишна возраст тој зборува совршено шест јазици. Тој беше холандски министер за надворешни работи од 2012 до 2014 година.
Евроскептичната десница е обединета во семејството на европските конзервативци и реформисти и има 76 пратеници во Европскиот парламент. Во нејзините редови спаѓаат Британската конзервативна партија на Тереза Меј, полската партија Право и правда, белгиската Нова фламанска алијанса и други. Номинираниот на ова политичко семејство како претседател на Европската комисија е Чехот Јан Захрадил (56).
Европските либерали се обединети во семејство наречено Алијанса на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ). Досега имаа 68 пратеници. Водечките партии во ова семејство се Германската слободна демократска партија, Холандската народна партија за слобода и демократија и други. Либералите не номинираа специјален кандидат за функцијата претседател на Европската комисија, туку тим од седум лица. Меѓу нив се и европскиот комесар за конкуренција, Маргарет Вестагер (51), позната по својата инерција кон гигантите од Силиконската долина. Меѓу седумте лица е и Гај Верхофстад, поранешниот белгиски премиер, кој беше и кандидат на ова политичко семејство за претседател на ЕК пред пет години, а досега беше лидер на неговата парламентарна група во Европскиот парламент.
Зелените, обединети во една политичка фамилија со исто име, досега имаа 52 пратеници. Во редовите на групата се еколошки партии од Шведска, Германија, Франција и други. Зелените имаат двајца кандидати во трката за претседател на Еврокомисијата – 37-годишната Германка Ска Келер, кој беше кандидат и во 2014 година, и 42-годишниот Холанѓанец Бас Ејкаут.
Радикалната левица е обединета во политичкото семејство Европска обединета левица. Во нејзините редови се француската комунистичка партија, грчката партија СИРИЗА, германската партија Левите. За претседател на Еврокомисијата ова политичко семејство номинира двајца кандидати – Словенката Виолета Томиќ, на 56 години, противник на мерките за штедење и приврзаник на поголеми државни трошоци, но и на построга трговска контрола, и Шпанецот Нико Куе, на 62 години, поранешен унионист кој, како дете, дошол во Белгија, каде што живеел поголем дел од својот живот.
Европејците и популистите се обединети во политичкото семејство, наречено Европа на слобода и директна демократија. Во редовите влегуваат италијанското Движење „Пет ѕвезди“, како и поранешната десна рака на Марин Ле Пен, Флориан Филипо, и британски приврзаници на Најџел Фараж, кој едно време беше лидер на Партијата за независност на Велика Британија, а потоа се отцепи од неа и сега е лидер на новата „Брегзит“ партија. Ова политичко семејство нема кандидат за Европската комисија.
Крајната десница е во политичкото семејство, наречено Европа на нации и слобода, кое досега имаше 37 пратеници во Европскиот парламент. Ова политичко семејство ги обединува екстремно десничарските националистички партии, како што се францускиот Национален сојуз, Италијанската лига, Австриската партија на слободата и други.