Едно од најдобрите времиња за вежбање е рано наутро непосредно по будењето, но поради тоа што најголемиот дел вработени, студенти и ученици имаат активности уште во утринските часови, постои уште едно одлично време за оваа активност.
Се работи за вечерните часови, односно по 18 часот попладне. Ако ги следите најосновните правила, тогаш знаете дека последниот оброк треба да ви биде токму до 18 часот, што значи дека идеално би било да вежбате час до два подоцна. Овој оброк би требало да е лесно сварлив, за да не ви биде мачно вежбањето, без разлика која активност сте ја одбрале.
Вечерното вежбање ве чува од дополнителни калории, бидејќи сте доволно уморни, што дури и да ви се јаде, најмногу што можете да изедете е житарица или јогурт, бидејќи вашето тело знае дека тешката храна ќе ви го наруши сонот.
Ако вежбате навечер, утрото можете да го искористите за подолги подготовки, за кафе или чај или за кратка медитација.
Вечерното вежбање, исто така, прави психичка и физичка детоксикација на вашето тело. Она што ви се случува во текот на денот помалку ве нервира и не се доведувате во ситуација да не можете да заспиете само затоа што размислувате на некоја непријатност. Овој физички замор е навистина пријатен и поволен за спиењето, бидејќи го надминува психолошкиот и заспивањето е полесно.