Сочувствувам со секој еден кој што живее заробен во сопственото тело. И на еден граѓанин да е во општеството, треба да му овозможиме да ги чувствува основните човекови права. Затоа беше повлечен од владина процедура, за да ставиме заштитни механизми. Со дел од одредбите не се согласувам, но ќе отвориме расправа, вели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска за измените и дополнувањата на Законот за матична евиденција, кои во Собранието беа доставени минатата пролет, но Владата ги повлече од собраниска процедура.
Тренчевска истакна дека во јавноста намерно се направи спојување на овој закон со предлог-законот за родова еднаквност, кој воопшто не е во процедура.
-Наратив кој што не е вистина ги буди емоциите кај граѓаните и ако не си информиран и веруваш на одредени личности, лесно можеш да се јавиш со изјави дека сме за семејни вредности, рече министерката и додава:
-Зошто секогаш одиме сamo кога маж транзитира во жена? Изедначено е – колку мажи транзитирале во жена, толку и жени транзитирале во мажи. Зошто никаде нив не ги спомнуваме? Без разлика дали е од маж во жена или обратно, ако некој живее заробен во сопственото тело и не се чувствува природно, кои сме ние да му судиме? Едно лице да е, државата треба да му овозможи уживање на сите човекови права, рече Тренчевска во емисијата „Студио 10“.
Со предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција, ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права.