Членовите на комитетот се вклучени во процесот затоа што веруваме во потенцијалот и иновативноста на македонските компании. Со своето професионално искуство и меѓународна експертиза, пред сѐ сакаме да помогнеме за унапредување на иновативните проекти во државата на транспарентен и правичен начин, велат од Комитетот за одобрување на инвестиции при ФИТР.
Според нив, во последните неколку дена со различни невистини и шпекулации, беа доведени во прашање квалитетот и одржаноста на проектите избрани од Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), во рамките на јавниот повик „Стартапувај 3“, кој го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој.
-Членовите на Комитетот за одобрување инвестиции имаат огромно меѓународно искуство во спроведување на такви проценки за бројни владини агенции, мултилатерални развојни банки, Европската комисија и познатите стартап акцелератори на приватниот сектор во други земји. Тие се придржуваат до највисокиот сет на стандарди при спроведувањето на овие проценки, како меѓународно така и во С. Македонија.
Како што е веќе познато во јавноста, никој од вработените на ФИТР не учествува во процесот на селекција на компаниите кои ќе добијат финансиски средства (освен во делот на административната проверка, која е ограничена на тоа дали документацијата е комплетно доставена), велат од КОИ и додаваат:
-Сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од 3 домашни стручни лица. Секоја компанија која има над 51 поен, поминува во финална селекција, а финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции. При носењето на финалната одлука, проектите ги евалуираме според следните критериуми:
- Степен на иновативност (25 поени);
- Квалитет на проектот (25 поени);
- Капацитет на проектниот тим (15 поени);
- Потенцијал на пазарот (25 поени) и
- Влијание (10 поени).
Од Комитетот информираат дека секогаш ги охрабруваат апликантите да ги подобрат своите идеи и да аплицираат повторно и во таа насока, на сите одбиени апликанти им ги испраќаат своите коментари.
-Жалиме што поради собирање на политички поени се напаѓа работењето на Фондот за иновации и технолошки развој, но ние ќе продолжиме своето знаење и време да ги инвестираме во одличните идеи и иновации, бидејќи сметаме дека Северна Македонија има навистина одличен стартап потенцијал, соопштија од КОИ.