Познатиот рапер Ерл Симонс, попознат како ДМХ, почина на 50-годишна возраст, по срцев удар.
Долгогодишниот адвокат на раперот ја потврди тажната вест, откако и неговото семејство даде изјава.
„Ерл беше воин кој се бореше до крај“, се вели во соопштението.
Пејачот почина во болницата „Вајт Плејнс“ северно од Њујорк, а во последните моменти покрај него беа неговите најблиски.
Кон крајот на деведесеттите и почетокот на 2000-тите, тој ги полнеше сите клубови и сали, а речиси нема ар ен би забава што не поминуваше без хитови како „X Gon’ Give It To Ya“ и „Party Up“.
ДМХ бил израснат во предградието на Јонкерс во Њујорк и имал многу тешко детство, а се шпекулира дека претрпел злоставување во своето семејство.
Животот не го милуваше, а на 14-годишна возраст влезе во „маѓепсан круг“ – ограбуваше банки и честопати имаше проблеми со законот, вклучувајќи обвинувања за поседување дрога, суровост кон животни, несовесно возење, неплаќање алиментација и слично.
И додека неговото живописно криминално досие честопати се наоѓаше на насловните страници, неговата музичка кариера тргна по нагорна линија и остави неизбришлива трага во хип-хоп културата.
– ДМХ беше брилијантен уметник и инспирација за милиони ширум светот. Неговата порака за триумф над личната борба, потрагата по светлина од темнината, потрагата по вистината и милостивоста нè приближија до сопствената човечност – соопшти „Def Jam Recordings“, издавачката куќа со која ДМХ објави некои од своите најпознати албуми.
– ДМХ не беше ништо помалку од гигант. Неговата легенда ќе живее вечно, додаваат оттаму.