Кој е „албанофоб“, а кој „криминалофоб“: „Би било позитивен гест доколку Мицкоски им се обрати на своите сопартијци со порака за значењето на соживотот и за конструктивната улога на албанскиот фактор во државата“

Загари, орли, албанофоби, криминалофоби...: „Жално е што доминираат животински споредби наместо програми и решенија за проблемите на граѓаните“

од Nikola Popovski
69 прегледи

„Загари“, „орли“, „албанофоб“, „криминалофоб“… Лидерите на партии и кандидатите за градоначалници на изборите уште на почетокот на кампањата не се штедат да ги дискредитираат своите противници со „црна кампања“, при што речиси и да не се бираат зборови. Поголемиот дел од експертската јавност, во овој предизборен период и за време на кампањата, веќе предвидуваа доминација на негативната реторика, говор на омраза и меѓусебни обвинувања. Сепак, малку кој очекуваше дека така ќе биде уште од самиот старт.

Според дел од аналитичарите, жално е што и на овие локални избори сведочиме на кампања во која доминираат етикети, навреди и дури животински споредби. Наместо аргументирани програми и решенија за проблемите на граѓаните, вели екс-пратеникот Зуди Џелили, слушаме зборови кои ја продлабочуваат поделбата и создаваат недоверба.

-Сметам дека тоа е непотребна црна кампања, бидејќи граѓаните очекуваат визија и планови за подобар живот во општините, а не навреди и политички спектакли. Време е лидерите и кандидатите да покажат зрелост и да ја вратат дебатата на суштината, развојот на локалните заедници, истакнува Џелили во разговор за „Локално“.

Зуди Џелили/Фото: Принтскрин

За изјавата на кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи дека премиерот Христијан Мицкоски е „албанофоб“ и дека треба да вклучи Албанци во својот кабинет, како и реакцијата на премиерот, соговорникот вели дека премиерот треба да покаже дека неговата влада е на сите граѓани, без разлика на етничка припадност. Џелили смета дека „Мицкоски треба да рефлектира“.

-Северна Македонија е заедничка држава и би било мошне позитивен гест доколку премиерот Мицкоски им се обрати на своите сопартијци со порака за значењето на соживотот и за конструктивната улога што албанскиот фактор ја има во државата. Досегашниот негов пристап како премиер ги разниша меѓуетничките односи и ја доведе во прашање европската ориентација на земјата, создавајќи простор за зајакнување на деструктивни влијанија. Доколку постои простор за поголема инклузија на Албанците и на другите заедници во институциите, тоа е чекор што само ќе ја зајакне мултиетничноста на државата и ќе испрати порака за еднаквост. Истовремено, потребно е и сите политичари да бидат доследни во борбата против криминалот и корупцијата, затоа што тоа е вистинскиот непријател на граѓаните, без оглед на нивната националност, оценува аналитичарот.

Од друга страна, во рамките на кампањата и ако ги анализираме изјавите, професорот Башким Селмани вели дека има три аспекти. Според него, првиот е дека партиите не прават добро на етички план во пресрет на изборите бидејќи сите субјекти, па и државните претставници се задолжени да го почитуваат кодексот на изборниот систем.

-Ако се гледа и меѓународниот аспект, тие се должни да ги почитуваат меѓународните конвенции за избори. Од вториот аспект произлегува дека партиите како да се договорени во кој домен да ја тераат кампањата. Третиот аспект е дека сите субјекти, па и премиерот, не ја гледаат реалната состојба на граѓаните бидејќи јавниот долг е реален проблем за сите граѓани. Затоа младата популација бега од државата, вели Селмани во изјава за „Локално“.

Башким Селмани/Фото: Принтскрин

Тој додава дека од сите политички субјекти до денес нема слушнато ниту една точка со која треба да ги елиминираат одредени слабости на системот.

-Јас сум убеден дека сите субјекти се договорени однапред како да ја водат кампањата. Не им прави чест и создава спротивност на тоа што се гледа. Реалните проблеми ниту малку чувствуваат дека треба да се реализираат. Доколку не се внимава на јавниот долг, мислам дека демократијата која треба да ја сочинуваат опозицијата и позицијата, фактички само самите го зголемуваат, потенцира Селмани.

Денеска продолжува предизборната кампања за локалните избори. Партиските карвани и независните ги претставуваат своите програми во обид да ги добијат гласовите на граѓаните.

Под мотото „Се бориме за нашиот дом“, СДСМ денеска ќе одржи собири во Студеничани, Зелениково, Кисела Вода и во Аеродром.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата настапуваат под мотото „Вистинскиот избор-твојот човек, твоето место, за твојата иднина“. Денеска имаат собири во Кочани, Карбинци, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница.

ВЛЕН ја продолжува кампањата во Тетово, а Национална алијанса за интегритет преку средби со граѓани и прес-конференции ќе ја претставува својата програма. Со предизборниот карван продолжуваат и Левица и ЗНАМ. На терен и независните кандидати.

Изборната кампања, која почна во понеделникот, ќе трае до 17-ти октомври на полноќ по што следува 24-часовен молк пред гласањето на 19-ти октомври, додека вториот круг ќе се одржи на 2-ри ноември. На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.