Кој е Александар Николовски, кој за време на вчерашниот отворен час на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од говорницата повикуваше да се прекине со скандирањето „УА“ за време и по говорите на претставниците од Владата и Ректоратот на универзитетот?
Николовски е избран за претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) од страна на делегати – претседатели на студентски собранија од повеќе универзитети во државата. По неговиот избор, тој организираше протести со кои бараше навремена исплата на стипендиите за време на мандатот на министерот за образование Јетон Шаќири, кој беше дел од Владата на СДСМ и ДУИ. Исто така, учествуваше во организирање на протест против лошиот јавен превоз на ЈСП пред Град Скопје.
Николовски, заедно со Универзитетското студентско собрание, од Министерството за образование и наука (МОН) бараше измени во начинот на исплата на студентскиот оброк и зголемување на бројот на студенти кои ќе можат да го користат. Покрај ова, тој беше вклучен во повеќе активности насочени кон подобрување на студентскиот стандард.
Од страна на УСС беа спроведени и низа други активности кои беа насочени кон подобрување на условите на студентите, како што е „Студентски манифест“ со кој се бараше бесплатно квалитетно образование, дигитализација, автономија, интернационализација, формирање Национално студентско тело и подобрување на студентскиот стандард. Дел од големите политички партии ставија потпис на документот, со што практично прифатија дека ќе се залагаат за неговата содржина. Но намесо бесплатно образование, студентите на УКИМ добија покачување на трошоците, некаде се движат и над 2000 денари, повеќе од минатите академски години. Од студентското собрание реагираа, но студентите за време на уписите беа соочени со ситуација во која беа принудени да ги платат тие трошоци бидејќи од одговорните лица им беше потенцирано дека без тие уплатници нема да можат да запишат година.
Од Универзитетското собрание при УКИМ за време на министерот Јетон Шакири имаа барања за промена во начинот на исплата на студентски оброк, што беше испочитувано од минатата власт, но според закон, оваа 2025 година согласно инфлациската стапка оброкот треба да се зголеми, но од МОН најави дека нема да има зголемување и истиот само ќе опфати поголем број на студенти.
За академската 2023/2024 година студентите добиваа финансиска поддршка за меѓуградски превоз во висина од 1200 денари на месечно ниво со што голем дел од студентите кои редовно патуваа ги покриваа дел од трошоците за месечните билети. По промената на власта иако беше најавувано „Субвенциониран студентски превоз“ засега нема никакви најави дека истиот ќе биде реализиран.
Иако во минатото унивезитетското студентско собрание бурно реагираше кон мерките кои беа на штета на студентите и во голем број од случаите ги добиваше барањата, денес следиме симптоматична состојба каде УСС и неговите претставници на јавни настапи пред камери се спротиставуваат на револт на студентите искажан кон надлежниот министер и ректоратот на универзитетот.
Ваквите настапи од страна на УСС отвора низа на сомнежи за нивна поврзаност или блискост со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Името на првиот човек на студентското собрание беше поврзувано и со советот на млади на претседателката Гордана Силјановска-Дафкова, каде Николовски според достапните информации е член на овој совет.
Со реакции по вчерашниот настан се јавија неколку студентски организации меѓу кои и Студентски отпор кои со објава на социјалните мрежи го обвинија првиот човек на студентското собрание дека работи во интерес на властите, додека министерката за образование ја нарекоа проблем.
Денес пак, Независното студентско собрание при УКИМ соопшти дека ФСС на Филозофскиот факултет во Скопје изгласала недоверба на делегатите на УСС УКИМ.
Инаку, и Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ упати јавно извинување до сите членови на академската заедница во врска со говорите на ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешниот собир пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој беше организиран по повод оддавање почит за 59 загинати во трагедијата во Кочани.