Кој е Алексеј Дјумин, човекот кој би можел да седне на жешката фотелја на министерот за одбрана на Русија

од Stefanija Kuzmanovska
603 прегледи

Поранешниот безбедносен агент на Кремљ и телохранител на Путин, Алексеј Дјумин е потенцијален кандидат за руски министер за одбрана. Разрешување на актуелниот министер за одбрана Сергеј Шојгу побара шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин во обидот за државен удар на 24 јуни.

Додека групата „Вагнер“ маршираше кон Москва за време на краткотрајниот бунт на Пригожин, тој изјави дека неговата цел е оставка на луѓето кои ја водат војната во Украина – Шојгу и началникот на Генералштабот Валери Герасимов. По тоа фијаско, аналитичарите процениле дека Дјумин може да седне во фотелјата на министерот Шојгу, а токму Дјумин и Шојгу работеле заедно одредено време во Министерството за одбрана.

Аналитичарот Сергеј Марков на својот канал Телеграм изјави дека верува дека Алексеј Дјумин „најверојатно ќе стане министер за одбрана“.

Директорот на Московскиот центар за анализа на стратегии и технологии, Руслан Пухов, оцени дека Путин најверојатно ќе ги отстрани Шојгу и Герасимов од нивните позиции, бидејќи се чини дека Дијумин сега е „фаворит“ во трката.

Имаше шпекулации дека Дјумин бил вклучен во преговорите со Пригожин пред белорускиот претседател Александар Лукашенко да посредува за договор за да се избегне „крвопролевање“. Кремљ соопшти дека според постигнатиот договор Пригожин ќе замине во Белорусија, а кривичната постапка против него ќе биде повлечена.

Независниот медиум Медуза објави во октомври 2022 година, цитирајќи извори блиски до Кремљ, дека односите меѓу Дјумин и Шојгу кога работеле заедно во министерството не биле многу добри.

Институтот за проучување на војната, тинк-тенк со седиште во САД, рече дека не може да ги потврди шпекулациите дека Дјумин ќе го замени Шојгу, но дека „секоја промена во раководството на тоа министерство ќе биде значајна победа за Пригожин“.

Кој е „миленикот“ на Путин?

Роден во Курск, западна Русија, на 28 август 1972 година, Дјумин е поранешен агент на Федералната гарда (ФСО).

Во 2014 година, тој тајно ја водеше операцијата за извлекување на соборениот украински претседател, Виктор Јанукович од Крим и неговиот транспорт во Русија.

Тој, наводно, ја добил довербата на Путин со тоа што го спасил рускиот претседател од „сигурна смрт“ кога мечка се обидела да упадне во оддалечената планинска резиденција на претседателот.

Поранешниот телохранител на Путин регрутирал голем број воени инструктори за обука на нова армија на оператори со беспилотни летала додека Русија се обидува да ја врати надмоќта во воздухот во својата војна против Украина.

„Од почетокот на специјалната воена операција Алексеј Дјумин е во постојан контакт со руското Министерство за одбрана, со командата на единиците во кои служат резервисти од Тула. Дополнителна опрема, машини и специјална опрема им била испорачана на војниците. Совладувањето на вештините за користење беспилотни летала ќе му овозможи на воениот персонал компетентно да ги извршува своите задачи“, рече министерот за трговија Максим Сињавски.

Дјумин служеше како заменик-шеф на воената разузнавачка служба на ГРУ и има воен чин генерал-полковник.

Сега Путин го користи како личност која го надгледува собирањето воените резерви на бојното поле во Украина.

Дјумин се почесто се споменува на државната телевизија поради неговата поддршка за рускиот лидер.

Претходно тој раскажа како „зјапал“ во мечка која дошла да го нападне Путин во неговата планинска резиденција.

„Се разбира, јас бев вооружен, претседателот беше горе. Па јас и мечката се погледнавме во очи, а таа малку се оддалечи. Ја отворив вратата и испразнив цел шаржер од пиштолот под неговите нозе“, изјави Дјумин.

Ѕверот потоа се повлекол, а Путин подоцна го пофалил Дјумин што не ја убил мечката.

Слични содржини