Кој е Американецот Џек Тешеира кој на Пентагон му го предизвика најголемиот скандал досега?

од Nikola Popovski
235 прегледи

Американските власти вчера го уапсија 21-годишниот припадник на Воздухопловната национална гарда на Масачусетс, Џек Тешеира, осомничен дека објавил доверливи воени разузнавачки информации во случајот што ја потресе светската јавност. Доверливите документи за кои се сомнева дека Тешеира ги обелодени покажуваат колку длабоко САД навлегле во воените и разузнавачките служби на Русија, како и шпионирање на сојузничките земји. Кој е всушност Џек Тешеира?

Според воените досиеја, Тешеира се пријавил во Воздушната национална гарда во Кејп Код, Масачусетс на 26 септември 2019 година. Тој бил одговорен за управување со светската комуникациска мрежа на воздухопловните сили. Во јули 2022 година, тој бил унапреден во воздухопловец 1-ва класа.

Наводно, семејството на Тешеира има историја на воена служба. Неговиот очув се пензионирал по 34 години стаж, а неговата мајка работела во непрофитна организација која работела со ветерани.

Секоја година таа објавувала фотографии од семејството на Денот на ветераните. Други фотографии го прикажуваат очувот на Тешеира со две кучиња како се возат во теренски возила.

 

На гејмерската платформа „Discord“, тој наводно имал своја соба „Thug Shaker Central“, која има околу 20 членови и го користел називот „OG“.

Во приватната онлајн група се разговарало за видео игри, Бог, оружје, расизам и доверливи информации за САД. Некои членови на групата „Discord“ им покажале на новинарите на „Вашингтон пост“ видео на Тешеира како пропагира расизам и антисемитизам, пред да ја земе пушката и да пука со неа.

Еден пријател на Тешеира го опишал како патриот, побожен католик и либерал со интерес за оружје.

Какви информации протекоа?

Протечените документи содржеа информации за тоа каде се и движењата на високи политички лидери и воени сили, геополитичка анализа и увид во напорите на странските влади да се мешаат во изборите.

Како што објави „Вашингтон пост“, истекувањето открило како САД собирале странски разузнавачки информации – не само за руските воени и шпионски агенции, туку и за нивните сојузници како Украина, Израел и Јужна Кореја.

„Тој е паметна личност. Знаеше што прави кога ги објави овие документи. Ова не беа случајни протекувања од каков било вид“, изјавил еден од членовите на групата за „Вашингтон пост“.

И додека приказната добива различни перипетии секој ден, се поставува прашањето како млада и емотивно незрела личност, со расистички ставови, може да има пристап до строго доверливи податоци и како успеала да отстрани толку чувствителен материјал од безбедно место? Џон Милер, судски и разузнавачки аналитичар на „CNN“, се обидел да одговори на тоа прашање.

„Морате да разберете колку се потпираме на младите луѓе во војската на кои им даваме чувствителни работни места. Џек Тешеира работел во разузнавачкото крило на Националната гарда. Тоа е витална и многу чувствителна работа. Тие управуваат со дронови кои летаат на т.н „ИСР (разузнавачки/надзорни) мисии за поддршка на нашите воздухопловни сили во места како Ирак, Авганистан и Сирија и тие обезбедуваат поддршка на тимовите за специјални операции, кои можат да бидат испратени насекаде во доверливи мисии“, рече Милер.

Слични содржини