Фејзулаи Кујтим, кој изврши терористички напад во Виена во понеделникот вечерта, е 20-годишник осуден за поврзаност со терористичка организација, потврди во вторникот австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер.
Напаѓачот е австриски државјанин и државјанин на Северна Македонија, рече министерот.
Според него, младиот човек, кој е осомничен за извршен терористички напад во понеделникот вечерта, бил осуден во април 2019 година за обид да замине во Сирија и да се приклучи на екстремистичката Исламска држава.
Кујтим, кој беше убиен од полицијата, беше осуден на 22 месеци затвор, но беше ослободен на условна слобода во декември, потврди министерот.
Во меѓувреме, полицијата изврши рација во 15 домови и уапси неколку лица поврзани со осомничениот.
Австриските медиуми објавија дека, во врска со нападот, две лица биле уапсени во градот Св. Поелтен
Во меѓувреме, австриската влада прогласи тридневна национална жалост по синоќешниот терористички напад во кој беа убиени четири лица, како и еден од напаѓачите.
„Нашите мисли и сочувство се со жртвите, ранетите и нивните семејства во овие тешки часови за Австриската Република“, рече канцеларот Себастијан Курц пред состанокот на владата.
Националната жалост ќе трае до четврток, одлучи владата.
Напаѓачот, кој беше убиен од полицијата, и други потенцијални напаѓачи извршија координиран напад на шест локации во понеделникот вечерта, почнувајќи со пукање пред главната синагога во Виена.
Според очевидци, напаѓачите гаѓале луѓе со куршуми од митралези во преполни барови и кафулиња кои сакале да ја искористат последната вечер пред влегувањето во сила на полицискиот час, воведен со цел борба против инфекцијата со Ковид-19.
Нехамер рече дека видео материјал бил запленет при претрес во домот на еден од напаѓачите, а полицијата ги испитува неговите потенцијални врски.
Агенцијата АПА известува дека полицијата извршила претрес во неколку куќи и станови и уапсила неколку лица, но портпаролот на полицијата сè уште не го потврдил тоа.
Шефот на полицијата во Виена одби да открие детали во врска со идентитетот на напаѓачот, тврдејќи дека тоа може да ја загрози истрагата.
Полицијата затвори поголем дел од историскиот центар на градот и исто така го прекина јавниот превоз во стариот град.
Оскар Дојч, претседател на еврејската заедница во Виена, објави на Твитер дека не знае дали целите на нападот биле синагога и придружните канцеларии, но дека во тоа време тие биле затворени.
На социјалните мрежи кружат снимки од напаѓач како трча по улицата и пука и вика. Едно видео покажува лице пред бар на улицата каде што се наоѓа синагогата, исечено со куршуми.
Виена досега беше поштедена од крвавите терористички исламистички напади кои последен пат ги доживеа Париз. Лондон и Брисел.
Австрија е дел од глобалната коалиција предводена од САД за борба против Исламска држава од 2014 година.