И оние кои не знаеја за него, во неделата дознаа за Роман Проташевич (26), млад новинар и блогер од Белорусија. Тој беше уапсен вчера на аеродромот во Минск откако претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, нареди присилно слетување на авионот на „Рајанер“, во кој се наоѓаше Проташевич. Овој инцидент, кој многумина го нарекоа „киднапирање“ и „чин на државен тероризам“, беше остро осуден од европските и светските претставници.
Проташевич летал од Атина за Вилнус, главниот град на Литванија, кога авионот принудно слетал во Минск, по извештај за бомбата, што се покажа како лажна.
Вистинската причина за овој инцидент беше Проташевич.
Кој е Роман Проташевич?
Проташевич е белоруски новинар, фоторепортер и блогер. Тој е жител на Минск, но од неодамна живее во егзил во Полска.
Тој работел за белоруските медиуми осум години, а во 2015 година, заедно со Степан Путил, го основа „YouTube“ каналот „Nextа“, кој во 2017 година се пресели во „Telegram“. Подоцна се подели на „Nexta“ и „Nexta Live“.
„Nexta“ емитуваше снимки од протестите против белорускиот претседател Александар Лукашенко. Тие ја користеа апликацијата „Telegram“ за емитување во време кога на странските медиуми им беше тешко да известуваат од прва рака од поранешната советска држава.
Подоцна тој стана главен уредник на друг канал на „Telegram“ кој беше прогласен за екстремистички во Белорусија – „Brain Belarus“, кој ги покриваше протестите.
Проташевич сега работи за „Belamova“, друг канал на „Telegram“.
Белорусија го стави новинарот на меѓународна потерница и го вклучи на списокот на лица вклучени во тероризам. Во отсуство, тој е обвинет за организирање масовни немири во Минск и за поттикнување социјално непријателство кон претставниците на владата и полицијата.
Тој ги негираше овие обвинувања, но доколку биде осуден, може да се соочи со 15 години затвор.
Проташевич ја напушти земјата во 2020 година, стравувајќи од прогон од политички причини, и на 23 мај 2021 година беше задржан на аеродромот во Минск.
Дали му претстои смртна казна?
Патниците од авионот на „Рајанер“, кој принудно слета во Минск во неделата, рекоа дека еден од патниците се фатил за глава кога авионот направил маневар.
– Ми се закануваат со егзекуција – наводно Проташевич му рекол на патникот со кој седел во авионот кога дознал дека ќе слета во својата татковина.
Патникот рекол дека Проташевич започнал да паничи, сепак тој се смирил кога полицијата влегла во авионот.
Еден од патниците синоќа раскажа како Проташевич бил издвоен настрана, неговите работи биле фрлени на пистата, а цело време стоел еден полицаец до него. Кога патниците го прашале што се случува, тој им кажал кој е и дека му се заканува смртна казна.
– Животот на новинарот е сериозно загрозен – рече Ана Красулина, портпарол на опозицискиот лидер Светлана Тихановскаја за „Клуб З“ во Вилнус.
Од нејзините зборови стана јасно дека, иако сè уште не е обвинет на смртна казна, работите може да се променат, пренесува порталот.
Според неа, Проташевич е предмет на три обвинувања од режимот на претседателот Александар Лукашенко: намерни активности насочени кон поттикнување социјална омраза заснована врз професионална припадност, организирање масовни немири и организирање групни акции кои грубо го нарушуваат јавниот ред и мир.
Најстрогата казна се изрекува за првото обвинение – до 15 години затвор, објасни Красулина. Сепак, проблемот е во тоа што затворениците во Белорусија добиваат нови обвиненија во притвор.
„Тие се измислени и можат да се менуваат, вклучително и оние што се казнуваат со смрт со пукање“, додаде таа.
Пред неколку дена, белорускиот дисидент Витолд Ашурок почина во работна колонија.
– Всушност, тој почина под неразјаснети околности. Постојат добри причини зошто се верува дека е убиен – рече Ана Красулина.
Таа посочи дека Проташевич е „личен непријател на Лукашенко“ и дека против таквите луѓе биле извршени разни злосторства, вклучително и киднапирање.
– Тоа е случај со телевизискиот оператор Дмитриј Завадски. Исчезна во 2000 година на пат кон аеродромот во Минск и никогаш не беше пронајден. За него се верува дека е убиен. И затоа е очигледно дека постои многу голема и сериозна опасност по животот на Проташевич – додаде Красулина.
Белорусија е единствената земја во Европа каде се изрекуваат смртни казни и се спроведуваат на лица на возраст од 18 до 65 години. Немаше такви во 2020 година, но во 2019 година двајца беа погубени.
Каде е Роман?
Поддржувачи на белорускиот опозициски новинар се собраа синоќа на аеродромот во Вилнус, држејќи постери на кои пишуваше: „Рајанер“, каде е Роман?!“
Од кабинетот на Лукашенко соопштија дека тој лично наредил лансирање на ловец МиГ-29 во воздухот со цел да го придружува авионот до Минск.
Заканата со бомба била примена додека авионот бил над Белорусија, додаваат од кабинетот на претседателот.
Сепак, подоцна беше објавено дека во авионот не е пронајден експлозив.