„Кој е следен“ повикува на протестен марш на 8. март: „Сериски убијци и тепачи на деца и жени си шетаат како шерифи и никој ништо не им може“

„Доста трпиме, да му ставиме крај на малтретирањето и убивањето на народот, а особено на жените“, стои во повикот на граѓанското движење

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук/Моника Зајкова

Граѓанското движење „Кој е следен?“ организира протестен марш на 8-ми март под мотото „За да нема следна. Нема да не снема“. Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.

Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.

„Оваа полиција не е наша полиција. Оваа држава не е наша држава. Време е заедно да осмислиме поинакво општество. МВР поднело кривична пријава „по брза постапка“. Каква е таа брза постапка откако биле одземени животи? Откако жената и нејзините соседи веќе десетици пати пријавувале? Каква е таа заштита што доаѓа отпосле?

Нашиот глас никогаш не се слуша. Пријавуваш во полиција, ништо не се презема. Доаѓаме до крајности и се крева револт… и пак ништо. Сериски убијци и тепачи на деца и жени си шетаат како шерифи и никој ништо не им може, заштитени од институциите што ги плаќаме со наши пари.

А каде ни е силата на нас како народ? Самите се омаловажуваме дека не можеме ништо да смениме. На рака се бројат тие во фотелјите, од нив ли се плашиме? Тие не се ништо без нас! Ние ги раниме нив. Од нас ја добиваат силата.

Да го пресечеме тоа, ќе изгладнат, тие ќе нè молат нас за „храна“. Доста трпиме, да му ставиме крај на малтретирањето и убивањето на народот, а особено на жените. Да излеземе СИТЕ заедно на маршот за 8. Март, рамо до рамо со нашите сестри, мајки, ќерки, девојки, другарки, со жените што ги познаваме и што не ги познаваме. Заедно да се избориме за праведен, хуман и грижлив свет и да го срушиме овој систем на алчност и насилство“, стои во пораката на граѓанското движење.

Најавата доаѓа по страотната трагедија во скопската населба Тафталиџе, каде мајка се фрли од балкон на зграда заедно со нејзината шестгодишна ќерка, откако со години трпела физичко и психичко насилство од сопругот и татко на девојчето.