Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ најави нов протест кој ќе се одржи во сабота, 29 март, пред македонското Собрание. Ова следува по големиот протест на 24 март, кога повеќе од 10.000 граѓани излегоа на улиците на Скопје и покрај силниот дожд.
Локацијата за протестот не е случајна – активистите го одбраа Собранието како место на собир откако пратениците одлучија да не работат по трагедијата во Кочани на 16 март, при што животот го загубија 59 лица. Ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста, вклучително и осуда и гнев поради непостоењето на комеморативна седница.
Во објавата на Инстаграм, „Кој е следен?“ ги повикува граѓаните да си понесат столче, алудирајќи на неодговорноста на институциите.
„Кога тие ги пакуваат куферите, ние ја полниме улицата. Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието.
Не затоа што немаме што да правиме, туку затоа што имаме што да кажеме“, стои во нивната објава.
Настанот ќе биде поделен во два дела: Презентација на барањата на иницијативата; Отворен микрофон за граѓаните кои ќе можат да го изразат своето мислење, критики и ставови за моменталната состојба.
Организаторите порачуваат дека ова ќе биде простор за „гласот што не сакаат да го слушнат“ и повикуваат секој кој има што да каже да дојде и да зборува. Протестот ќе трае се додека има граѓани кои сакаат да бидат слушнати.