Движењето „Кој е следен?“ најави дека утре ќе го поддржат „Маршот на Ангелите“ во Кочани, кој секоја сабота се оддржува од страна на жителите на градот и семејствата на настраданите во тешката трагедија. Потенцираат дека граѓаните на Кочани протестираат макотрпно секоја недела и потребна им е нашата поддршка.
„Никој не смее да биде оставен сам во болката. Нашиот пат е пат на солидарност, на гласна поддршка и достоинствен отпор.
Времињата мрачни се нивното поле, и нивната свирка – на прангите ѕвекот, а главите им се наведени доле, и покроце врват – сè чекор по чекор. О времиња, што ве в мрак родот мој минал, кој збор ќе ми најде за вашата стрв? Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат над пустош и крв?! Сега е моментот да покажеме дека сме еден народ, едно срце, една болка и една сила. Кочани, не сте сами. Македонија е со вас“, објавија од движењето.
„Инспекторите спиеја, нашите деца не се разбудија“, „Каде да фатам врски да ми се вратат другарите“. Ова беа дел од пораките на петтиот последен „Марш за ангелите“ во Кочани. Велат нема потреба од зборови и очекуваат дела. Бараат непристрасна истрага, судење и санкции за сите кои на било каков начин придонеле за трагедијата на 16-ти март.
Во досегашниот тек на истрагата опфатени се шеесетина правни и физички лица, во тек е сослушување на сведоци на настанот, изјави министерот за внатрешни работи.
Предлог-законот на СДСМ за помош за семејствата од Кочани, не се најде на дневен ред пред пратениците. ВМРО-ДПМНЕ не го гласаше и го прогласи за популистички за собирање на ситни политички поени.