„Кој е следен“: Судот во Тетово уште еднаш потврди дека е еден од најкорумпираните во државата

од Nikola Popovski
153 прегледи

Граѓанското движење „Кој е следен“ смета дека судот во Тетово уште еднаш потврди дека е еден од најкорумпираните судови во државата, со пресудата од 1,5 години затвор за екс-директорите Флорим Бесими и Артан Етеми за пожарот во модуларната болница. Според движењето, со оваа пресуда жртвите од модуларната болница беа убиени по втор пат, како што посочуваат, убиени од неспособните судии кои својата титула ја стекнале преку партиска линија и етничка квота без соодветни квалификации.

Наместо правда, велат оттаму, системот повторно ја продлабочи болката и докажа дека коруптивните механизми сè уште продолжуваат.

-Тетовскиот суд со оваа пресуда го изедначи трагичнозагубениот живот на четиринаесетте жртви во модуларната болница со казна затвор од година и шест месеци.

Освен што од одговорност беа изземени поранешниот Министер за здравство Венко Филипче како и Изведувачот на работите – правното лице БРАКО, со денешната пресуда, со само една година и шест месеци беа осудени и единствените обвинети во случајот, поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, потенцираа од „Кој е следен“.

Движењето бара правда и соодветна одговорност за модуларната болница.

-Соодветна одговорност за модуларната болница за сите обвинети и инволвирани во случајот, но и морална одговорност од истите што системот ги иззема од одговорност и не се во обвинителна клупа туку на високи партиски функции, стои во соопштението.