Расте револтот, а трпението на сточарите е при крај откако беа излажани и изманипулирани дека ќе им бидат исплатени заостанатите субвенции и премиите за млеко. Најавуваат протести доколку во најкраток можен рок не ги добијат парите. Велат дека министерот повеќе се интересира за тоа кој што ќе каже и што ќе изјави по медиумите, отколку за проблемите во сточарството. Поради тоа, домашното сточарство се соочува со намален број грла, високи трошоци за добиточна храна и енергенси и нелојална конкуренција од увозно месо и млечни производи и сè повеќе фарми згаснуваат, а државата станува зависна од увоз наместо да го јакне сопственото производство.
-Ако нема исплата на субвенциите во најкраток можен рок ќе има протести. Има неисплатени субвенции во повеќе област, освен во сточарството каснат субвенциите и во свињарството, не се исплатени субвенциите за житариците… На нас ни ги исплатија субвенциите само за 2024 година кои беа многу малку, а за 2025 година се уште ги чекаме. Освен тоа 1.200 сточари го изгубија правото на субвенции, бидејќи не го исполнија условот половина од јагнињата од бројот на овци да ги однесат в кланица, а се укина и субвенцијата за оставено женско јагне, изјави за „Локално“, Насер Џемаили – претседател на Здружението „Модерен сточар“.

Насер Џемаили – Фото: Принтскрин/Фејсбук/Тв 24
Тој додава дека сега сточарите добиваат субвенции само за зголемување на стадата, но за тоа треба да зачуваш нови јагниња, а тоа чини многу.
-За да добиеш субвенција едно јагне треба да го чуваш над 12 месеци, а за тоа време од него не добиваш ниту млеко, ниту месо само правиш трошоци за храна за работна рака за чување…Поради тоа стадата не се зголемуваат, а фармите згаснуваат, вели Џемаили.
Сточарите велат дека наместо да се зголемат субвенциите поради зголемените трошоци, напротив во Програмата за 2026 ги намалија и субвенциите за одледувачите на крави, а ги зголемија квотите. Лани за оставено женско теле за приплод условот беше телето да е постаро од 6 месеци, а годинава како услов за субвенции е телето да е постаро од 18 месеци, што е голема штета за сточарите.
Освен тоа, сточарите 4-5 месеци немаат добиено премија за млекото, а нема зголемување ниту на откупните цените на млекото и на јагнето како што ветуваше министерот во предизборната кампања.
Овчарите, пак се во неизвесност по која цена ќе почне откупот на јагнето, бидејќи моменталната која се движи од 200 до 250 денари за килограм е многу ниска и не ги покрива трошоците.