Кој ја крои политиката на Македонија – САД или самите ние: „Никој не може да каже дека води автономни надворешни политики, вклучително и Северна Кореја“

од Nikola Popovski
508 прегледи

Дали изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи од пред неколку дена ја отвори „забранетата тема“ и многумина што мислат дека Македонија е „безгласна буква во сопствената земја“. Османи во интервју за „Klan Kosova“ пред три дена истакна дека „никогаш не помислил од позиција на главен дипломат да се занимава со политика без координација со Соединетите Американски Држави“. Дел од јавноста со години лиферува дека странски земји се мешаат во политиките на земјата и одлучуваат наместо македонските официјални власти. Сепак, од друга страна Македонија е на праг на двојни избори, па не е чудно изјавата на Османи да се толкува и како предизборна кампања. Останува дилемата дали Македонија својата политика ја води под диктат на странска земја?

За аналитичарот и поранешен министер, Ѓунер Исмаил, исказот на шефот на македонската дипломатија не покажува дека земјата води политика според желбите на други земји. Според него, Македонија е членка на НАТО и ОБСЕ и претпоставува дека Османи водел сметка за тоа што значи членство во НАТО и со кого се треба да биде во координација, во врска со некои потези во нашата надворешна политика.

Ѓунер Исмаил

-Никако не може да се сведе на диктат на странски сили и држави. Никој не може да каже дека води автономни надворешни политики, вклучително и Северна Кореја.  И таа не е до крај автономна, бидејќи на крајот на краиштата, зависи од многу елементи – Кина и Русија, а најмалку Македонија може да каже „само ние водиме таква политика и ништо друго“. Политичари кои што ќе кажат дека водат автономна политика за својата држава или се неписмени или се обидуваат да фрлат прашина во уши, вели Исмаил за „Локално“.

Истакнува дека оваа изјава не значи дека секоја одлука на Османи, меѓу кои и за многумина штетниот договор со Бугарија, е дело на САД.

-И Бугарија и Македонија се мали држави, членки на НАТО и јасно е дека градењето на Договорот за пријателство се случуваше во неколку фази и води потекло уште од времињата на екс-премиерот Љубчо Георгиевски. Некакви релации и градење, договори, писма за разбирање – финале кое што е постигнато и се во функции за на Балканот да се постави атмосфера на смиреност и атмосфера во која евентуалните недоразбирања би биле разрешени со дипломатските средства и ништо повеќе, наведува поранешниот функционер.

И да не го речел тоа Османи, додава Исмаил, опозицијата и сите недобронамерни и сите оние кои што се противници на целосно пацификација на Балканот, секако дека Македонија ќе ја именуваат како држава која што не води автономна политика.

-Тоа не е неочекувано така да се помести и такви аргументи да се употребуваат, а дека ќе се појават некакви локални херои од пред задруга, ќе се појават. После три пива се полупатриоти – после четири пива се патриоти со автономна меѓународна надворешна политика и ништо повеќе. Тоа се искази збогатени со алкохолни испарувања, анализира Исмаил за ставовите на Османи и надворешните политики што ги води Македонија.

Н.П.

Слични содржини