Кој ќе сноси одговорност за лажното прикажување на класификациите за кредитен ризик во Еуростандард банка?

од Берта Китинска
437 прегледи

„Лажната класификација на кредитниот ризик во Еуростандард банка покажува дека во банката како да не постоел систем за мерење на загуби од кредитен ризик. Според наодот од извештајот на банката од стечајниот управник, утврдено е неприменување на одредбите од Одлуката за управување со кредитен ризик и тоа кај масовен дел од портфолиото на правни лица. Со други зборови, кредитното портфолио на банката до самото нејзино затворање минатата година покажуваше дека околу 50 отсто од износот на кредитите или 60 милиони евра биле класифицирани во највисоката „А” категорија, за да „преку ноќ”, веднаш после затворањето на банката, се покаже дека најголем дел од кредитите во ист таков износ од речиси 60 милиони евра биле всушност нефункционални, ненаплатливи или тешко наплатливи“,соопштуваат денеска од Здружението на Оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Долгот од 2,5 милиони евра на фирмата Феро Центар во Еуростандард банка е само еден јасен пример како се краделе парите од нашите депозити преку лажно прикажување на сопствените парични средства на банката кои законски морале да бидат издвоени на посебна сметка за покривање на ризиците од ненаплатување на високоризични кредити. Оваа фирма, во сопственост на Оливера Спировска-Мандевска, немала платено ниту една рата 530 дена пред затворање на банката. За фирмата се води обезбедување само со обична меница, а како посебна издвоена парична резерва е прикажано 42,60 отсто или кредитна изложеност во категорија на ризик „В”. Меѓутоа, според законската класификација за кредитна изложеност, оваа фирма припаѓала во најлошата категорија на ризик „Д”, каде се класифицираат кредити кои доцнат со исплата над 241 ден и имаат и други лоши индикатори како што е случајот со оваа фирма. Во дадениот случај, банката била обврзана да издвои посебна парична резерва од најмалку 85 отсто од износот на долгот, или пак најмалку двојно повеќе од тоа што го имала направено. Крајно, тоа значи дека загубите на банката од кредитниот ризик на доделените а непокриени кредити, како што е тоа случајот и со долгот од Феро Центар, кои биле и лажно прикажувани во извештаите на банката, сега се на товар на депонентите кои се ограбени и поради ваквите злоупотреби што се масовно правени.

Како тоа Народна банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска дозволиле да раководството на Еуростандард банка врши континуирана измама и фалсификување на документи? Гувернерката Бежоска не уверуваше дека задача на Народна банка е да врши оценка на ризикот преземен од Еуростандард банка, дали банката соодветно го прикажувала преземениот ризик и како управувала со истиот.

Како тоа контролата на Народна банка гледала, но не видела дека масовно се врши измама во Еуростандард банка со лажно прикажување на кредитниот ризик и неиздвојување на посебни парични резерви согласно законската класификација на категориите за ризик!? Или пак учествувале во грабежот на депозитите односно се дел од организираниот криминал спроведен во банката? Не е можно вакви злоупотреби да се правеле масовно и со години, а да Народна банка не знаела ниту направила нешто да тоа го спречи со време и на тој начин да ја намали штетата односно кражбата на депозити на граѓани и фирми“, се додава во соопштенето.

Слични содржини