Тоа е конфликт на повеќе нивоа кој се чини дека се интензивира. Долго време е повеќе од само протест против депортацијата на мигранти. Тоа е личен конфликт меѓу Доналд Трамп и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, демократ. И пред сè, станува збор за тоа дали претседателот на САД има право да користи воена сила против цивили. И што има намера да постигне со неа, стои во анализата на ДВ за настанаите во САД во изминативе денови.
Трамп ги нарече демонстрантите во Лос Анџелес „професионални агитатори и бунтовници“. Малку подоцна, претседателот додаде: „Фала му на Бога што испративме некои прекрасни членови на Националната гарда таму“.
Војниците не се обучени да дејствуваат против цивили
Трамп го направи ова спротивно на желбите на гувернерот на Калифорнија, Њусом. Републиканскиот сенатор Том Котон од Арканзас го брани претседателот: „Законот е апсолутно јасен“, изјави Котон за Фокс њуз. Националната гарда, вели тој, традиционално е под команда на гувернерот на секоја држава, но може да се стави и под команда на претседателот за воспоставување ред и спроведување на федералниот закон.
Демократскиот конгресмен Сет Мултон од Масачусетс не се согласува: „Во Америка, тоа се користи само во најекстремни и исклучителни околности – затоа што сме демократија. И не ја политизирате војската со тоа што ќе ја замолите да преземе мерки против американските граѓани“, изјави Мултон за CNN.
Војската не е обучена да дејствува против цивилите кои демонстрираат, нагласува Хамин Шамси, експерт за безбедност во организацијата за граѓански права „Американска унија за граѓански слободи“. Таа се плаши дека претседателот во суштина се обидува да си даде бланко чек, за подоцна да може да ја испрати војската не само во Лос Анџелес, туку и насекаде во земјата каде што луѓето сакаат да демонстрираат против имиграциските рации.
Одвлекување на вниманието од неуспехот?
Обвинувањата на критичарите на Трамп одат уште подалеку. „Сето ова служи за одвлекување на вниманието од неуспесите на администрацијата на Трамп во други области“, рече Алекс Падиља, демократ кој ја претставува Калифорнија во американскиот Сенат, за CNN. „Царините се огромен неуспех, нема мир меѓу Русија и Украина, а „големиот, прекрасен“ закон за даноци и буџет на Трамп виси во воздух. Кризата што ја создаде во Лос Анџелес сега го одвлекува вниманието од сето тоа.“
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, поднесе тужба против распоредувањето на Националната гарда, а комесарот за гранична патрола на Трамп, Том Хоман, се закани дека ќе го уапси Њусом. Доколку американските маринци на кои сега им е наредено да одат во Лос Анџелес навистина бидат распоредени, тоа дополнително би ја ескалирало ситуацијата.
„Никогаш порано не сме виделе нешто вакво.“
Кен Кучинели, заменик-секретар за внатрешна безбедност во првиот мандат на Трамп, изјави за Си-Ен-Ен: „Преземањето на тој следен чекор дополнително би ја влошило сериозноста на ситуацијата. Но, претседателот Трамп ќе го направи она што смета дека е исправно за да донесе мир на улиците на Лос Анџелес.“
Според Џулиет Кеј од Универзитетот Харвард, претседателот на крајот би ги надминал своите уставни овластувања со распоредување на маринците. „Таму на улиците, таквото распоредување не е потребно. Протестите очигледно не се од тој обем. Не сме во вонредна состојба или криза каква што ја прикажуваат претседателот и неговите министри“, рече Кајем. Таа заклучи: „Никогаш порано не сме виделе нешто вакво“.