Која е крајната цел на Израел во Газа?

од Stefanija Kuzmanovska
253 прегледи

Израел ветува дека ќе го уништи Хамас во немилосрдниот напад врз Појасот Газа, но се чини дека нема јасна цел на повидок и нема јасен план како да управува со разурнатата палестинска енклава дури и ако победи на бојното поле, покажа анализата на „Ројтерс“.

Регионални и западни официјални лица изјавија за „Ројтерс“ дека воената кампања, наречена „Операција Железни мечеви“, се чини дека е неспоредлива по својата жестокост и поинтензивна од се што Израел водел во Газа во минатото.

Израел повика рекордни 360.000 резервисти и непрекинато ја бомбардира малата енклава по нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел кога загинаа околу 1.400 луѓе, главно цивили.

Тројца регионални функционери рекоа дека веруваат дека стратегијата на Израел е да ја уништи инфраструктурата на Газа, дури и по цена на големи цивилни жртви, да го турка народот на енклавата кон египетската граница и да тргне по Хамас со минирање на лавиринтот од подземни тунели што групата ги изгради за да ги спроведе своите операции.

Но, израелските власти рекоа дека немаат јасна идеја за тоа како би можела да изгледа повоената иднина.

Некои од соработниците на американскиот претседател Џо Бајден се загрижени дека иако Израел може да изработи ефикасен план за да му нанесе трајна штета на Хамас, тој допрва треба да формулира излезна стратегија, изјави извор од Вашингтон за новинарите, додавајќи дека патувањата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин во Израел минатата недела ја истакнаа потребата да се фокусираат на повоениот план за Газа.

Арапските власти се вознемирени и поради тоа што Израел не постави јасен план за иднината на енклавата, со која владее Хамас од 2006 година и е дом на 2,3 милиони луѓе.

„Израел нема конечен план за Газа. Нивната стратегија е да фрлат илјадници бомби, да уништат сè и да влезат внатре, но што потоа? Тие немаат излезна стратегија за следниот ден“, рече еден извор од регионалната безбедност.

Израелската инвазија допрва треба да започне, но властите во Газа велат дека 3.500 Палестинци веќе се убиени во воздушни бомбардирања, од кои околу една третина се деца – повеќе жртви отколку во кој било претходен конфликт меѓу Хамас и Израел.

За време на вчерашната посета на Израел, Бајден им порача на Израелците дека „треба да биде задоволена правдата“ во однос на Хамас, но предупреди и дека по нападот на Њујорк на 11 септември, САД направиле грешки.

„Огромното мнозинство Палестинци не се Хамас. Хамас не го претставува палестинскиот народ“, рече тој.

Арон Дејвид Милер, експерт за Блискиот Исток во Carnegie Endowment for International Peace, рече дека посетата му дала можност на Бајден да го притисне израелскиот лидер Бенјамин Нетанјаху да размислува за прашања како што се пропорционална употреба на сила и долгорочни планови за Газа пред каква било инвазија.

Слични содржини