Документарниот филм „За Сама“ беше номиниран заедно со нашата „Медена земја“, во трката за Оскар за Најдобар документарец. Но, која е всушност Сама?
Таа е ќерка на позната сириска новинарка и режсирка, Вад ал-Кејтеб, која, според самиот наслов, ѝ го посветила филмот токму неа. Во оваа категорија победи документарецот „Американска фабрика“, оставајќи ги зад себе „Медена земја“, „За Сама“, „На работ на демократијата“ и „Пештерата“.
Токму малата Сама беше една од ѕвездите на доделувањето на Оскарите. Вад, со сопругот Хамза и ќерката Сама живееле во Алепо, град во кој дивееше војна од 2012 до 2016 година. Во филмот, кој е доста личен и интимен, Вад всушност им дава глас на безгласните Сиријци.
Нејзиниот сопруг Ханза е еден од малкуте доктори кои останаа во Алепо, а тие во време на војна се соочуваат со предизвикот да ја спасат љубовта, да останат живи и секако, да успеат да ја израснат и воспитаат нивната ќерка Сама. Вад опишува како се соочувала со предизвиците на бракот и мајчинството, додека нејзиниот град буквално гори.
„За Сама“ е документарен филм со најмногу номинации на БАФТА, каде ја доби и наградата за најдобар документарец. На Независните британски филмски награди ги освои признанијата за најдобра монтажа, најдобар документарец, најдобар независен филм и најдобра режија.