Која е врховната судијка Лидија Неделкова, која денес беше разрешена од Судскиот совет?

од Nikola Popovski
394 прегледи

Судијката Лидија Неделкова е разрешена и времено суспендирана од судиската функција, одлучи денес Судскиот совет. Таа ќе остане запаметена како поранешна претседателка на Врховниот суд, откако на таа функција во 2012 беше избрана истовремено кога и Владимир Панчевски беше избран за претседател на Основен суд Скопје 1, односно за најголемиот кривичен суд во земјата.

Вангеловски во претставката побарал разрешување на Неделкова врз три основи. Прво, дека во периодот кога Врховниот суд во 2018-тата година одлучувал по жалбите во врска со референдумот, таа како член на еден од трите совети кои биле формирани за одлучување не била на работа. Спротивно на ова, Неделкова тврди дека заминала дома заради приватни обврски, но тогаш паднала и си ја повредила вилицата, а и се скршил и мобилниот телефон и немала како да го извести судот дека не можела да дојде на работа. Втората точка поради која Вангеловски поднел претставка е што таа користела три дена годишен одмор без да добие одобрение од него и трета причина е што, според претставката, не сакала да прима предмети додека била во одделот за судење во разумен рок.

Неделкова во „бомбите“ на СДСМ  беше спомената дека од судијката Лидија Петровска подарувала сваровски накит.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, изјави дека едногласно било одлучено таа да се разреши.

„Разрешувањето е поради ненавремено, немарно несовесно извршување на нејзините работни обврски. Повреда на Судскиот деловник односно Кодексот за судска етика и сите три потврди се основани. Одлуката е донесена едногласно“, вели Здравев.

Лидија Неделкова е родена во февруари 1961 година во Скопје. Во Скопје го завршила основното и средно образование во училиштето „Димитар Миладинов“ (тогашно „Браќа Рибар“) и гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје во 1983 година.

Својата професионална кариера ја започнала како стручен соработник во Основниот Суд Скопје 2, стои во нејзината биографија. Во 1996 година, од страна на Собранието на Република Македонија е избрана за судија во Основниот Суд Скопје 2, каде судела предмети во кривична постапка.

Со основањето на Одделот за организиран криминал во рамки на Основниот Суд Скопје 1, Неделкова ја продолжува својата судиска кариера како кривичен судија. Како кривичен судија во Одделот за организиран криминал при Основниот Суд Скопје 1, Неделкова ги водела судските процеси и донела пресуди по случаите: „Пепел“, „Бродец“,
„Агим Красниќи“, „Јака Табак“, „Изгрев“…

Во јули 2009, од страна на Републичкиот судски совет е избрана за претседателка на Кривичниот суд Скопје 1, со кој раководела три години сè до март 2012 година, кога е избрана за судија во Врховниот суд на Македонија. Во декември 2012, едногласно Судскиот совет ја избра за претседател на Врховниот суд на Македонија, со што стана првата жена претседател на Врховниот суд во историјата на Македонија.

Слични содржини