Се чини дека Кока-Кола, без многу помпа, ја изменила формулата на еден од своите најпопуларни производи. Кока-Кола Зеро, популарната верзија на кола без калории, сега содржи екстракт од стевија — засладувач на растителна основа кој долго време се смета за природна алтернатива на шеќерот, според новиот рецепт. Како што објави „Дејли меил онлајн“, се претпоставува дека оваа промена е воведена околу септември 2024 година, кога списокот на состојки за американскиот пазар беше ажуриран со нов додаток.
Новите шишиња и лименки што се појавуваат во продавниците го имаат новиот засладувач наведен на крајот од списокот на состојки.
Популарната нискокалорична варијанта на Кока-Кола сега содржи екстракт од стевија. Овој засладувач, добиен од растението стевија, често се смета за природна замена за шеќер. Промената за првпат беше забележана на американскиот пазар кон крајот на 2024 година на етикетите на новите пакувања. Реакциите на социјалните мрежи и форумите укажуваат на поделени мислења, при што некои потрошувачи изразуваат незадоволство од променетиот вкус.
Кока-Кола јавно го менуваше рецептот на своите производи неколкупати во минатото. Кока-Кола Зеро претрпе значајни промени во 2017 и 2021 година, при што последната промена доби илјадници позитивни критики и генерално беше добро прифатена од јавноста.
Сепак, компанијата се сеќава и на далеку помалку успешната промена од 1985 година. Тогаш Кока-Кола лансираше сосема нова формула за својот водечки пијалок, брендирајќи ја како „Нова Кока-Кола“. Овој потег предизвика масовни негативни реакции од потрошувачите. Луѓето почнаа да ја складираат оригиналната верзија и да ги преплавуваат телефонските линии на компанијата со протестни повици.
„Компанијата Кока-Кола добиваше 1.500 повици дневно на својата линија за потрошувачи, во споредба со 400 дневно пред промената на вкусот“, се наведува на блогот на компанијата. Јавниот притисок беше толку интензивен што компанијата ја повлече „Новата Кока-Кола“ по само три месеци и се врати на оригиналната формула, брендирана како „Кока-Кола Класик“.