Доколку прекинот на услугите на Google во Источна Европа и на Балканот продолжи неколку часа, последиците за економијата би можеле да бидат катастрофални.
Експертите предупредуваат дека загубите би можеле да се измерат во десетици милиони евра, бидејќи инфраструктурата на Google е ‘рбетот на е-трговијата, дигиталните услуги и комуникацијата.
Најмногу страдаат онлајн продавниците и дигиталните платформи кои се потпираат на Google Cloud и алатките за рекламирање. Секоја минута недостапност значи пропуштени трансакции, откажани нарачки и неиспорачани услуги. Само е-трговијата во регионот генерира стотици илјади трансакции дневно, а нивното запирање би можело да предизвика лавина од поплаки и губење на довербата на клиентите, предвидуваат ИТ експертите.
Дигиталните агенции, ИТ компаниите и стартапите се соочуваат со целосно исклучување: документите се недостапни на Google Drive, комуникацијата е замрзната на Gmail и Meet, а проекти се запрени. Ова значи дека работните часови кои инаку се мерат во илјадници евра по компанија се губат во реално време.
Приватните корисници исто така не се поштедени: прекинот на YouTube и Translate може да изгледа како технички проблем, но нивната блокада влијае на медиумската индустрија, образованието, туризмот и комуникациите.
Доколку таков колапс трае подолго од 24 часа, аналитичарите проценуваат дека регионот ќе се соочи со дигитални загуби од повеќе од 100 милиони евра, што би ја направило оваа ситуација една од најскапите интернет кризи во последната деценија.