Најмалку 21 лице загина, а 15 се повредени кога автобус со туристи излетал од надвозник во близина на Венеција во северна Италија и се запалил, соопштија локалните власти.
„Од 15 повредени, 11 се идентификувани, меѓу нив 4 Украинци, еден Германец, еден Французин, еден Хрват, двајца Шпанци и двајца Австријци“, соопштија властите.
Многу од нив се на интензивна нега.
Колегите на возачот на автобусот се во шок, опишувајќи го како стручен возач кој оваа работа ја работи 7 години.
На интернет се појавуваат многу пораки во знак на сеќавање на Алберт Рикот, 40-годишник по потекло од Конела, кој го возел автобусот што синоќа се преврте во Местре.
Во моментот на инцидентот, возачот ги земал туристите од историскиот центар и ги враќал во кампот во Маргера.
Во меѓувреме, противпожарната единица го преместила автобусот. Според медиумите, автобусот по неколку часа бил подигнат со помош на два крана, по што бил пренесен во депото.
Автобусот излетал од патот и паднал во близина на железничка пруга во областа Местре, која е поврзана со Венеција со мост. Причината за несреќата се уште не е утврдена.
Официјални лица рекоа дека возилото паднало на далноводите и се запалило околу 19:45 часот.
Во тек е идентификација на загинатите.
„Тоа е апокалиптична сцена. Јас сум без зборови“, објави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро на X.
Во првите часови постоеше и теорија дека пред фаталното лизгање избувнал мал пожар во автобусот, што подоцна беше демантирано со изјавите на патниците по несреќата, собрани од пожарникарите.
Анализата на снимките од надзорните камери и внатрешните камери на автобусите ќе бидат клучни во истрагата, пишува Corriere della Sera.
Rai news пишува дека сите хипотези остануваат отворени: од болест на возачот до хипотеза за судар со друго возило пред излетување од мостот.