Министерството за економија од 3 ноември ја започна мерката за субвенција на ТНГ уреди во автомобилите, со која 900 возила ќе добијат поврат од 50 проценти од трошокот, но не повеќе од 18.000 денари. За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму ќе треба да купуват и вградат уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на Јавниот повик, во некој од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди.
Заменик министерот за економија, Кирил Колемишевски во изјава за Стандард вели дека очекува одзивот на граѓаните за оваа мерка да биде огромен и средствата да бидат максимално искроситени.
„Граѓаните кои ќе инсталираат вакви уреди во своите возила, ќе придонесат за намалување на загадувањето кое го предизвикува сообраќајот, а воедно ќе имаат и помали месечни трошоци за гориво. Ваквите мерки треба да продолжат и во иднина, но буџетите за реализација би требало да се поголеми и да опфатат поголем број на граѓани. Во исто време треба да се обрне внимание на сите причинители и фактори кои влијаат на загадувањето, за да создадеме здрава и нормална животна средина за сите нас“, вели Колемишевски за Стандард.
Од министерството известија дека граѓаните кои сакаат да се пријават за оваа мерка треба да имаат пополнето Барање и изјава, фискална сметка со сметкопотврда или фактура, копија од сообраќајната дозвола за возилото заверена на нотар, во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка.