„Во време на криза, наместо да помогнат – одмагаат, ВМРО-ДПМНЕ кочи законски решенија што обезбедуваат мерки за помош на граѓаните. Преку нивниот претседател на Комисијата за финансирање и буџет, Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ упорно не закажува седница, на која треба да се расправа за законските решенија што овозможуваат исплаќање финансиска помош за одредени ранливи категории, како пензионери со ниски пензии, приматели на минимална помош и самохрани родители“, рече Даниела Колева, пратеничка на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Таа посочи дека „овие категории граѓани треба да добиваат парична помош во следните четири месеци. Оваа помош е дел од последниот пакет мерки вреден над 360 милиони евра за поддршка на граѓаните и компаниите за справување со последиците од кризата“.
„Потребата од усвојување на овој закон е утврдена уште на 17 октомври оваа година и веќе трета недела седница на Комисијата не е закажана. Како и многупати досега, ВМРО-ДПМНЕ повторно свесно и намерно опструира законски решенија додека граѓаните чекаат помош од државата. Ова е пример за класична негрижа и класично лицемерство, обвинуваат дека мерките се задоцнети, а тие не закажуваат комисии, каде што мерките треба да се разгледаат, а потоа и да се усвојат од страна на Собранието“, рече Колева.