Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги врати сите работни места и фабрики во Соединетите Американски Држави, а воведувањето царини за речиси сите земји во светот го нарече „Ден на ослободувањето“. Но, вчера за 90 дена, за сите освен за Кина, ја одложи примената на тие царини кои ќе ги плаќаат крајните потрошувачи во Америка. Тој и неговите соработници уверуваат дека последица од воведувањето царини ќе биде отворањето на бројни работни места во производството во САД, при што ќе се вработат милиони Американци.
Но, Ден Ајвс, глобален шеф за технолошки истражувања во фирмата за финансиски услуги Wedbush Securities, изјави за CNN дека идејата е фикција.
Според него, iPhone би можел да чини три пати повеќе од сегашните 1.000 долари доколку се произведува во САД. Тој посочи дека сложениот производствен систем што моментално постои во Азија треба да се реплицира.
„Би изградиле синџир на снабдување во фабриките во Западна Вирџинија и Њу Џерси. Тоа би бил iPhone од 3.500 долари“, рече Ајвс, мислејќи на високотехнолошките производствени капацитети кои обично прават компјутерски чипови за електронски уреди.
Тој проценува дека на Apple, кој го произведува iPhone, ќе му требаат 30 милијарди долари за да премести само 10 отсто од синџирот на снабдување.
Производството и монтажата на делови за паметни телефони беше префрлено во Азија пред неколку децении, имајќи предвид дека американските компании главно се фокусираа на развој и дизајн на производи, а со тоа генерираа многу повисоки профитни маржи. Така Apple стана една од највредните компании во светот и глобален лидер во производството на паметни мобилни телефони.
Вредноста на акциите на оваа компанија е намалена за 25 отсто од инаугурацијата на Трамп за претседател во јануари, поради загриженоста за влијанието на царините врз производството, кое во голема мера зависи од Кина и Тајван. Имено, 90 отсто од iPhone-ите се склопуваат во Кина.
„Затоа велам погледнете што се случи со акциите бидејќи ниту една компанија не е погодена посилно од (градот во Калифорнија во Силиконската долина) Купертино и Apple од војната со царините. Тоа е економски Армагедон, особено за технолошката индустрија“, истакна Ајвс.
Чиповите што го напојуваат iPhone најчесто се направени во Тајван, додека неговите екрани се главно направени во Јужна Кореја. Некои други делови се произведуваат во Кина, а финалната монтажа е исто така направена во Кина.
Во февруари, Apple објави дека ќе инвестира 500 милијарди долари во САД во следните четири години, како дел од напорите да го прошири производството надвор од Кина и да ги избегне царините на Трамп.