Колку чини замена на батеријата на електричен автомобил?

од Vladimir Zorba

Цените на заменските батерии за електричните автомобили достигнуваат вртоглави суми. Едно е гаранција и гарантен рок, кои најчесто се до осум години или 250.000 км, но што после тоа, кога возачите се препуштени сами на себе?

Холандскиот Autoweek спроведе анкета во која ги праша сервисите колку чини замена на батерија за одредени модели.

Од Tesla на пример не стигна одговор, а цените не ги објавуваат Audi, Fiat и Opel. Дури и Volkswagen не може или нема да даде точни цени на батериите по нивното „застарување“.

Новата батерија за моделите од семејството ID на Volkswagen (ID.3 и ID.4) би требало да чини меѓу 10.000 и 15.000 евра. За постарите модели базирани на платформата MQB, цената на e-Golf и e-Up е помеѓу 10.000 и 20.000 евра.

Флуктуирачките цени се последица на сложеноста и бројот на артикли, изјави портпаролот на Volkswagen.

Mercedes е еден од ретките големи производители кој е транспарентен. Батеријата за EQA чини 15.209 евра, за EQS 19.603 евра, а за EQV новиот пакет чини 27.230 евра.

Батеријата за замена за Smart EQ ForTwo и Smart EQ ForFour треба да чини 6.538 евра.

Honda наплаќа 7.283 евра за замена на батеријата за електричниот модел Honda e. Замена на батеријата за Dacia Spring чини 6.770 евра.

Цените на Renault Zoe, Kangoo ZE и Twingo Electric се околу 9.000 евра по „парче“. За лесен градски автомобил, батерија Twizy чини околу 4.000 евра.

Nissan наплаќа 10.306 евра за помала батерија Leaf (40 kWh) и 15.516 евра за голема батерија (62 kWh).

Така, во зависност од големината на батеријата, замената може да биде прилично скапа, што не е на одмет да го знаете ако, на пример, планирате да купите користен електричен автомобил.

Слични содржини