„СДСМ денес,повторно и очајно, се обиде да ја маскира сопствената безидејност и внатрешна распаднатост со кукавички, плиток и патетичен напад врз претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски“, порачаа денеска од владеачката партија како реакција на прес-конференцијата на организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски. Оттаму велат дека СДСМ не може ниту да замисли, а „камо ли да организира Конгрес со над 420 делегати, со јасна национална визија и со масовна поддршка од народот“.
-Нивниот „конгрес“ би можел да се одржи во поширока канцеларија, затоа што вистинските социјалдемократи одамна ги нема, и народот ги напушта засекогаш. Тие нè напаѓаат затоа што сме гласни, храбри и исправени, порачуваат од ЗНАМ и даваат објаснување кој е Костовски.
-Човекот што денес зборува од име на СДСМ беше директор на Службен весник кога без потпис и спротивно на Уставот и законите го објави Законот за употреба на јазиците, со што изврши тешко кривично дело – Злосторничко здружување и уривање на уставниот поредок. Исто така, без потпис од Претседателот на државата, го објави законот за ратификација на конечната спогодба т.н. Преспански договор. Тоа е вистинското лице на овој “патриот” кој тивко, тајно, зад грбот на народот, ги распродаде националните интереси, наведуваат од движењето на Димитриевски.
Во соопштението додаваат: „Колку и да бегате од предавничката аура, предавничката кожа не се соблекува“.
-Вие немате ниту “П” од патриотизам. Ниту “Д” од државност. Ниту “Н” од национален интерес. Движењето ЗНАМ не молчи – ние сме гласот на народот кој не може да го купите, уцените или заплашите. Времето на вашата лага заврши. Времето на вистината почна, стои во реакцијата на ЗНАМ.